Филип Стојанов, иницијатор на „63 ангели“: Заедно покажавме дека преку спортот можеме да изразиме почит, единство и човечност!
Овој турнир не беше само натпревар. Ова беше порака дека Кочани знае да се обедини. Пресреќен сум што направивме нешто добро за нашиот град.

„Денес со голема гордост и благодарност сакам да се обратам по повод одржувањето на Меѓународниот карате турнир „63 ангели“ во Кочани“, вели каратистот на КК Партизан Филип Стојанов за вчерашниот турнир.

Понатаму, во објавата на Фејсбук Стојанов вели:
„Како иницијатор на овој настан, пресреќен сум што сè помина во најдобар ред и што заедно покажавме дека преку спортот можеме да изразиме почит, единство и човечност.
Голема благодарност до Карате федерацијата на Македонија што ни даде зелено светло и целосна поддршка за реализација на оваа иницијатива.

Искрена благодарност до моите тренери, до Општина Кочани, како и до Здружението на граѓани „16 Март“ и родителите на починатите деца, кои ја поддржаа идејата преку спорт да им оддадеме почит на нашите ангели.
Особено емотивно за мене беше тоа што меѓу нив имаше и девојче кое тренираше карате со мене. Овој турнир беше и личен момент на сеќавање и почит.
Благодарност до сите клубови што земаа учество и придонесоа за достоинствена организација, до родителите на децата што беа на располагање за сè, како и до Доброволното противпожарното здружение кое помогна во одржување на редот во салата и околу паркинг просторот.
Овој турнир не беше само натпревар. Ова беше порака дека Кочани знае да се обедини. Пресреќен сум што направивме нешто добро за нашиот град“.

Ќе потсетиме дека и Филип Стојанов беше еден од настрадните во дискотеката „Пулс“. Брзо закрепна, се врати на тренинзите, стана државен првак во У-21 и учествуваше на Европското карате превенство за кадети, јуниори и У-21 во Лимасол, Кипар.
Инаку, веќе од овој месец Стојанов ќе настапува за КК Кизаме од Скопје, каде што е брат му Ангел.



