Дејан Милошевски: Ќе ја промовирам Македонија и македонското карате – но ќе го правам таму каде што сум вреднуван, тука во САД

Нашиот карате мајстор и истакнат светски судија Дејан Милошевски се огласи од САД по повикот на премиерот Христија Мицкоски младите да се враќаат во Македонија. Милошевски со задоволство ја прифаќа поканата, ама посочува на работи во кои мора да има увид за да сте стекне доверба.
„Благодарност од срце за поканата на премиерот и Македонија, но вистината за Карате федерацијата мора да се каже гласно“, вели во дописот Милошевски и додава:
„Со искрена благодарност ја прифаќам поканата од нашиот премиер на Република Македонија, г-дин Христијан Мицкоски за враќање на дијаспората. Истата јавно сакам да ја поздравам и гласно поддржам. Ова е силен сигнал дека Македонија сака да ги повика своите деца назад и да ги вреднува оние кои ја промовираат нашата земја во светот со труд и посветеност.

Во последните седум години, со цело срце и исклучиво со сопствени средства ја промовирав Карате федерацијата на Македонија и македонското знаме на меѓународна сцена. Постигнав неколку историски успеси: двапати шампион на САД, прв Македонец член на судискиот тим во САД, прв Македонец со пан-американска континентална судиска титула, како и најмлад светски и европски карате судија. Сопственик сум на македонски карате клуб, каде што повеќето членови се наши деца од македонската дијаспора, континуирано носители на медали и резултати. Со овие постигнувања, Македонија и македонските спортисти беа истакнати како вистински амбасадори на нашиот спорт“.
Во дописот Милошевски вели дека за ова се немало слух.
„За жал, федерацијата никогаш не се одѕва. Наместо поддршка и признание, се соочив со молк, тајни опструкции и бојкот. Ова не е само моја лична разочараност – тоа е загуба за целиот македонски карате спорт, кој заслужува да ги цени и поддржува оние кои го водат на врвот.

Минатата година добив покана од Соединетите Американски Држави да ги претставувам нив. Веднаш ми беше укажана доверба, ми беше дадена лидерска улога, да вршам обука и развој на сите судии во 12 земји. Во САД каде и да се појавам сум ценет и почитуван за мојата работа и резултати. Овде трудот и посветеноста се препознаваат, вреднуваат и наградуваат – нешто што, за жал, не го видов кај мојата федерација.
Македонија секогаш ќе ја носам во срцето. Ќе ја промовирам и ќе ја бранам. Но ќе останам таму каде што мојот труд се почитува, каде што резултатите се вреднуваат, а работата има смисла“.

Дејан порачува:
„Секоја организација која сака да гради успех мора да го препознае и поддржи својот најдобар ресурс – луѓето кои се посветени и кои носат резултати. Почитта и признанието не се бараат – тие се заслужуваат.

Македонија заслужува федерација која знае да цени, да го поддржи трудот и да го слави успехот, наместо да го игнорира и бојкотира. Јас ќе продолжам да го правам тоа што го сакам – да ја промовирам Македонија и македонското карате – но ќе го правам таму каде што сум вреднуван, тука во САД“.



