Боксерите чии национални федерации не се дел од Светската боксерска организација (Светски бокс) можеби нема да имаат право да учествуваат на Олимпијадата во Лос Анџелес во 2028 година. На ова предупреди претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах на тркалезна маса со претставници на медиумите.
На крајот на минатиот месец МОК ја прифати за привремена членка новата организација World Boxing, која ќе спроведува боксерски натпревари меѓу аматери ширум светот. Без оваа организација, иднината на боксот во олимпиското движење е загрозена откако МОК ја суспендираше Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) како членка пред Олимпијадата во Париз поради системски проблеми од различна природа.
Боксот и по три години нема сигурно место на програмата на Олимписките игри, но прифаќањето на Светскиот бокс како привремена членка на МОК беше многу голем чекор во таа насока.
„Бевме многу задоволни од развојот на Светскиот бокс. Во наредните недели имаме состанок со Организацискиот одбор и во зависност од нивниот предлог ќе гласаме дали боксот ќе биде на програмата за Игрите во 2028 година“, изјави Бах.
Тој изрази уверување дека поради неговата популарност и важност за Олимписките игри, боксот нема да биде исфрлен од програмата. Сепак, тоа не значи дека ќе бидат вклучени сите најголеми имиња.
„Само Националните олимписки комитети имаат право да номинираат боксери за Олимписките игри. Тие ќе мора да бидат дел од федерации кои добија признание од МОК. Во спротивно, ќе биде срам за боксот и за боксерите“, додаде Германецот.