Умар Кремлев откри дека членовите на ИБА биле принудени да ја напуштат организацијата

Членовите на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) беа предмет на напади и повици да ја напуштат организацијата. Ова на прес-конференција го соопшти претседателот на организацијата Умар Кремлeв.

„Имаше планирани напади врз членови на ИБА кои беа повикани да ја напуштат организацијата. Сите овие напади не вродија со плод“, рече Кремлeв.

Сепак, рускиот олигарх не даде повеќе детали за нападите за кои станува збор – ниту од којаа страна дошле, ниту колку членови на организацијата биле нападнати, кон која и понатаму припаѓаат голем дел од националните боксерски федерации.

Во јуни минатата година ИБА трајно го загуби статусот на член на Меѓународниот олимписки комитет поради системски прекршувања. Ова доведе до создавање на паралелна организација наречена Светски бокс, која претходно оваа недела објави дека ќе биде домаќин на своето прво светско првенство во септември 2025 година во Ливерпул. Светскиот бокс засега нема статус на членка на МОК, бидејќи има само 42 национални федерации членки.

Меѓународниот олимписки комитет веќе објави дека боксот нема да биде дел од Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година доколку нема светска федерација која ќе се грижи за организацијата на квалификациите и самиот турнир.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО