Златко Димоски: Дојдено е време за нов европски медал! (ФОТО)

kata timot za Monpelje 2016

Ката репрезентацијата е на подготовки во Дојран за претстојното Европско првенство за сениори во Монпелје, Франција, каде што ќе настапи во полн состав. Во поединечно конкуренција ќе настапат Пуликсенија Јованоска и Ферри Исиќ.

Машкиот тим го сочинуваат каратистите на Вардар – Ферри Исиќ, Мартин Ристовски и Глигор Станоев, а женскиот е од КК Ронин, во состав Мишела и Маријана Димоски и Пуликсенија Јованоска.

kata timot leta Monpelje 2016

„Женскиот тимот е посебно подготвен и во добра форма, но ќе биде многу тешко да се дојде до медал. Доколку судиите судат фер и коректно имаме шанси. Ако судењето е коректно, тогаш ката тимот има реална можност за медал, бидејќи во моментот е во врвот на Европа и е еден од најдобарите и најподготвени тимови на европскиот континент и светот. Никој не ги посакува за противник нашите девојки, за што говорат и постигнатите резултати во 2015 и 2016 година. Македонија веќе е бренд во кати по сребрениот медал од Светското првенство за младинци и кадети во Џакарта минатата година; бронзите од Лимасол 2016 и Лисабон 2014; сениорската бронза од Премиер лигата во Салзбург овој месец. Оваа година овој тим стана сениорски балкански шампион, каде што по втор пат ги победивме Турчинките,,а во 2015 година на Карате 1 Премиер лигата девојките од Македонија стигнаа до финале и до злато, повторно со победа над актуелните европски шампиони од Турција“, истакнува тренерот на репрезентацијата Златко Димокси.

kata timovi Monpelje 2016

Тој наведува дека на светско и европско првенство овој тим ги има победено сениорските тимови на Англија, Русија, Турција, Хрватска, Иран, Белорусија, Србија, Канада, Полска, Данска, што е показател за нивниот дострел на европско и светско ниво.

„Повторувам, доколку судиите се храбри и судат фер, овој тим ќе се врати со медал. Според мене, фаворити за финале се Италија и Франција, како домакин,а во борбата за медали ќе се вклучат Шпанија, Германија, Турција, но тука сме и ние. Сметам дека е дојдено време за нов европски медал. Поединечно не очекувам премногу од Фери и Поликсенија, бидејќи и двајцата на контролите на Балканското и Премиер лигата во Салзбург имаа само по една победа. Имаа мала криза, но се надевам дека кризата ќе ја пребродат и на ЕП ќе имаат подобри резултати, но не очекувам ништо спектакуларно. Но, покрај подготвеноста, за медал е потребен поволен жреб и добар панел на судии кои ќе судат непристрасно. Заради судиска неправда сме изгубиле неколку медали, како сега на Премиер лигата, кога за финале загубивме од Словачка 3-2. Исто беше и на ЕП за јуниори, кога за финале загубивме од Шпанија 3-2, а лани на ЕП за сениори овој тим се бореше за бронза и повторно загубивме од Шпанија. Но, со малку среќа, сметам дека може да очекуваме добри вести“, категоричен е Димоски.

Ipon.mk/В. Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО