Нико Али Волш, внукот на боксерската легенда Мухамед Али, и по седмиот професионален меч е непоразен, откако во Медисон сквер гарден во Њујорк, каде што неговиот дедо имаше неколку славни мечеви, го победи на поени Били Вагнер.
За Али Волш (7-0) ова беше прв меч во шест рунди, и откако успеа да го раскрвари лицето на противникот на почетокот на мечот, тој ги крена рацете, додека публиката викаше „Али, Али“.
Ова беше негов втор меч во Медисон сквер гарден, каде што Мухамед Али боксираше осум пати, и забележа седум победи и еден пораз, во славниот „Меч на столетието“, првиот дуел со Џо Фрејзер во 1971 година. Али се реваншира и за тој пораз во 1974 година, исто така во „Гарден“, пред да го добие и епскиот трет меч на Филипините.
Стручњаците велат дека му треба посилен противник на Али Волш.