Според долгогодишниот коментатор на УФЦ, Џон Аник, Александар Волкановски има шанса да се одвои од сите други и да се наметне како најголемиот борец во перо категорија во историјата на УФЦ.
Поранешниот шампион, кој пет пати ја бранеше титулата, го загуби појасот од Топурија на УФЦ 298 по спектакуларен нокаут. Но, според Аник, можноста да се врати титулата во моментов – со високи влогови и против сериозен противник како Лопез – може да биде моментот што ќе го стави Волкановски на врвот на дивизијата засекогаш.
„Начинот на кој ние и навивачите го гледаме Диего Лопез – ако Волкановски го победи сега, по се што веќе има постигнато, за мене тоа ќе го направи најголемиот шампион во перо категорија на сите времиња“, изјави Аник за ММА Џанки.
„Се разбира, тешко е да не го вклучиме Жозе Алдо во овој разговор – имам огромна почит кон него. Но, речиси целосно ја следев кариерата на Волкановски и импресиониран сум од неговата доследност, издржливост и дух“.
Алдо, кој многумина го сметаат за легенда на дивизијата, ја бранеше титулата на УФЦ седум пати за време на неговото прво владеење, а подоцна стана привремен шампион победувајќи го Френки Едгар на УФЦ 200 – титула која подоцна стана неоспорна.