Усик чека потврда од ВБО за борба со Џошуа

Светската боксерска организација ВБО ќе излезе во наредните денови со одобрение за меч меѓу шампионот Ентони Џошуа и официјалниот предизвикувач Александар Усик. Ова го изјави менаџерот на поранешниот апсолутен №1 во полутешка категорија Александар Красјук.

Тој за „Скај спорт“ изјави дека прашање на часови се кога ќе има потврда за натпреварот меѓу Украинецот и АJ, што би ја заменило борбата меѓу шампионот на ВБО, ВБА, ИБФ и ИБО со Тајсон Фјури. Сето ова доаѓа како резултат на одлуката на судот во САД дека „Кралот на Ромите“ мора да боксира со Дионтеј Вајлдер најдоцна до 15 септември.

„ВБО е исклучително среќен, бидејќи нивниот официјален предизвикувач е пред средба со шампионот во тешка категорија. Што повеќе би можеле да сакаат? Го чекаме нивното писмо за потврда на мечот. Опциите се пред нас и се поврзани со два датуми во август. Овој меч заслужува да биде на голем стадион“, прокоментира Красјук.

Сагата околу ситуацијата во тешка категорија на боксот станува сè покомплицирана. Сè се случи неколку дена откако Фјури ја прогласи борбата со Џошуа за сигурна. Притоа, средбата има загарантирани 150 милиони долари, кои двајцата треба да ги поделат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО