Тајсон Фјури е голем фаворит на мечот против Дилиен Вајт

Тајсон Фјури (31-0-1, 22 КО) го брани појасот за титулата на ВБЦ во тешка категорија против предизвикувачот Дилиен Вајт (28-2-0, 19 КО) во сабота, 23 април на боксерскиот спектакл на Вембли.

Во пресрет на нивниот судир, обложувалниците го поставија Џипси Кинг за голем фаворит.

Шансите за победа на Фјури се 1,2, додека за триумф на Вајт – 5.

Многумина се убедени дека Фјури лесно ќе дојде до победата, но Вајт сигурно ќе има што да покаже во пресметката со Џипси Кинг. Дилиен го нервира што целото внимание е насочено кон противникот.

„Некои луѓе се обидуваат да ме турнат на страна и да покажат се како да е шоу на Фјури. Јас сум професионалец и подготвен сум да го преземам својот дел од задачата“, изјави неодамна Дилиен Вајт.

А Фјури е свесен дека не смее да го потценува Вајт.

„Во моментов само размислувам за него. А после борбата ќе видиме што е следно. На мојата агенда е само борба против Дилиен Вајт. Многумина го потценуваат, но јас не“, вели Тајсон Фјури и додава:

„Тој ја има мојата целосна почит и така беше во текот на подготовките на тренинг кампот. Тренирам од јануари и соборувам рекорди во теретана. Се чуствувам добро. И Вајт ја има истата почит што му ја дадов на Дионтеј Вајлдер“.

Дилиен Вајт во мечот против Фјури влегува по победата против Александар Поветкин кога пред една година си го врати појасот на привремен шампион на ВБЦ. Борбениот Фјури е најголемиот противник во неговата кариера.

Џипси Кинг го победи Дионтеј Вајлдер во реваншот на 7 март со прекин во седмата рунда и го освои шампионскиот појас на ВБЦ.

Во октомври минатата година тој уште еднаш со нокаут во 11. рунда го совлада Бронзениот бомбардер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО