Стипе Миочиќ: Има многу причини заради кои решив да се вратам во октагонот

Остануваат уште неколку недели до големиот УФЦ спектакл каде Стипе Миочиќ повторно ќе се обиде да стигне до тронот во тешка категорија.

Американскиот борец со хрватски корени ќе се појави на 12 ноември на настанот УФЦ 295 во Њујорк и ќе ја бара својата 21. професионална победа против шампионот Џон Џонс.

Тоа ќе биде прв настап за Миочиќ по пауза од повеќе од две и пол години кога загуби од Френсис Нгану со нокаут во втората рунда во март 2021 година.

Рекордерот на УФЦ во тешка категорија за најмногу одбрани на титули и освоени титули го освои својот прв појас во 2016 година против Фабрицио Вердум, а потоа го бранеше против Алистер Оверем, Жуниор дош Сантос и Френсис Нгану.

Стипе ја загуби титулата во јули 2018 година на првиот меч против Даниел Кормиер, а потоа двапати го победи за да ја заврши трилогијата. А потоа дојде поразот против Нгану.

Американско-хрватскиот борец објасни зошто решил да се врати во октагонот.

„Има многу причини за тоа, сакам да се борам и да се натпреварувам со најдобрите. Последната борба не помина како што планирав. Сега е време за враќање и победа“, изјави Стипе Миочиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО