Васко Цубалевски по 4-те бронзи освоени на БП: Задоволен сум од настапот на нашите боксери

Македонските боксери изминатава недела учествуваа на Балканското првенство во Албена, Бугарија, при што освоија четири бронзени медали. Медалите ги освоија Ален Рустемовски, Дион Лена, Арјан Исени и Илхан Озмен.

На Блаканското првенство ги предводеше тренерот Васко Цубалевски кој се осврна на настапот на нашите боксери.

„Задоволен сум од настапот на нашите боксери. Многу се млади, а, сепак, пружија рамноправни борби со најдобрите балкански, па и европски боксери. Ален Рустемовски срцето го остави во рингот против двократниот европски првак, а нијанси не делеа од победа. Дион Лена избоксира фантастичен меч против Бугаринот кој во третата рунда бегаше по рингот. Илхан Озмен е докажан борец, но со своите 19 години пружи фантастичен меч против вицепрвакот на Европа за влез во финалето, каде судиите му ја доделија победата 2-1 по рунди, што значи една рунда не делеше од победата. Арјан Исени водеше тесна борба за влез во финалето, според мене, мислам дека домашниот терен ја донесе одлуката од 3-2“, вели Цубалевски и нагласува:

„Задоволен сум од настапот на сите боксери кои достојно ги бранеа боите на нашата држава. Пред некоја година сите сакаа жреб со Македонија, сега гледам дека на селекторите на другите држави не им се допаѓа тоа. Со вложувањето на раководството на Националната федерација и работата на претседателот Фатон Салиху и потпретседателот Примислав Димовски, полека го враќаме нивото на македонскиот бокс на светската, европската и балканската сцена, а сето тоа резултираше со 4 бронзени медали на ова Балканско првенство“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО