Собрание на Македонската таеквондо федерација: Борче Костовски претседател, Алкалоид генерален спонзор, награди за најдобрите…

Македонската таеквондо федерација (МТФ) денес во Скопје во хотел Парк го одржа годишното Собрание. Како што истакнуваат во објавата на страницата на МТФ на Фејсбук сите одлуки на собранието се донесени со акламација (едногласно).

Д-р Борче Костовски едногласно доби уште еден мандат да ја води МТФ.

Во Извршниот одбор на МТФ се: претседател д-р Борче Костовски, Методија Секулоски (дипломиран МЧР), Кристијан Митрески (дипломиран МЧР), м-р Дејан Митровски (правник) и м-р Дејан Георгиевски (МЧР.)

За членови на Надзорниот одбор се изберени: претседател Горјан Донев (дипломиран економист), Наташа Јовановска (дипломиран економист) и Никола Стојковски (дипломиран МЧР).

Дисциплинска комисија: претседател м-р Дејан Митровски (правник), Коста Михајлов и Стефан Костовски.

Судиско тело ќе го предводи Катерина Михајлова (меѓународен судија) – претседател, Кристијан Митрески, Методија Секулоски, Наташа Јовановска и Стефан Јосифовски.

За полноправни членки на МТФ се примени четири клуба: ТК Поомсае, ТК Те Макс, ТК Младост и ТК Феникс кик.

„Со ова Македонската таеквондо федерација покажува дека се грижи за квалитетно омасовување на олимпискиот спорт таеквондо во Македонија“, велат од МТФ и додаваат дека ИО на МТФ донел одлука да ТК Монстер кик добие една година статус на клуб кандидат за член, кој согласно правилникот за прием во МТФ, стручниот тим на федерацијата ќе треба во период од 12 месеци да одлучи дали ќе ги исполни сите услови согласно Статут и Правилници на МТФ.

Уште еден клуб од Општина Ѓорче Петров пројавил интерес за членство во МТФ, истиот наскоро ќе поднесе апликација.

„Собранието донесе одлука за финансиска помош на сите клубови членки на МТФ, во најголема мера наменски доделени средства за развивање на млади спортски надежи.

Собранието донесе одлука за соработка со Алкалоид Скопје, како генерален спонзор на Федерацијата.

Собранието донесе одлука за еднократна парична награда постигнати врвни спортски во 2022 година.

1.Дејан Георгиевски 90.000 денари (бронзен медал, Финале гранд при Саудиска Арабија)

2.Филип Додевски 60.000 денари (петто место, сениорско Светско првенство во Мексико)

3.Милијана Релиќ 40.000 денари (златен медал, Европско сениорско клупско првенство во Естонија)

Спортски резултати кои овие спортисти ги прават најуспешни спортисти во Македонија за 2022 година“.

„На предлог на ИО Собранието (сите клубови членки) донесоа едногласна одлука ТК Хулк да има одлагање на членство во МТФ поради прекршување на суштински правила согласно Статут и Дисциплински правилник на федерацијата уште пред да пристапи кон МТФ. Претседателот на клубот Хулк во јавност изнел невистини, клевети и нарушување на угледот на МТФ, што според Дисиплинскиот правилник е најтешко прекршување, навреди над сите клубови членки и раководните лица на федерацијата. (На собранието беа изнесени докази за погоре наведеното).

Без исклучок, сите клубови членки и останати делегати поединечно сурово го осудија овој чин на нарушување углед на МТФ, поточно најуспешната спортска федерација во државата. Сите делегати побараа јавно извинување во најбрз можен рок“, истакнуваат од МТФ и нагласуваат:

„Федерацијата ќе ги преземе сите правни средства за да го одбрани нарушувањето на својот углед, ќе биде покрената соодветна кривична пријава“.

МТФ за следната година најавува дека ќе организира најголем број домашни турнири во историјата на досегашното постоење.

„Македонското таеквондо за прв пат во 2023 година ќе добие Г1 турнир каде ќе се појави целта светска елита во овој спорт“, наведуваат од МТФ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО