Сашко Арсовски до поранешниот претседател Драган Стојановски: Оставете не ние каратистите сами да си избереме претседател

Забележливи се несогласувањата во Карате федерацијата на Македонија, посебно по донесувањето одлуката за стапување на сила на новиот Правилник за избор и работа на селекторите на државна репрезентација на КФРСМ; Правилникот за избор и работа на државните репрезентативни селекции на РС Македонија во карате спортот на КФРСМ и Кодекс – правила на однесување на репрезентативците и официјалните лица на КФРСМ. Ова предизвика многу реакции кај клубовите и тренерите.

Клубовите кои се спротивставија на ова, покренаа иницијатива за гласање доверба на претседателот на Карате федерацијата на Македонија Петар Белистојаноски.

Но, тие истакнуваат дека во агитирањето за останување на Белистојаноски на функцијата се појавува поранешниот претседател Драги Стојановски.

На ова реагира поранешниот селектор Сашко Арсовски, кој како тренер на државната репрезентација во борби за постигнатите резултати во 2018 година ја доби државната награда „8 Септември“ која се доделува во областа на спортот.

Арсовски и како каратист и како тренер има многу успеси за Македонија. Со брат му Жарко Арсовски го предводат КК Штип во чии редови е најдпбриот македонски каратист Емил Палов кој на последното Светско првенство го постигна најголемиот успех освојувајќи го сребрениот медал, претходно најдобар пласман на светските првенства имаше неговиот тренер Жарко Арсовски со бронезнеиот медал од СП во Белград во 2010 година.

Успесите на Арсовски се големи, затоа со респектабилни неговите видувања и ставови за каратето.

Арсовски директно се обраќа до поранешниот претседател Драган Стојановски. Во целост го пренесуваме неговото писмо.

„Почитуван господине Стојановски,

Деновиве сме сведоци на иницијатива за гласање доверба на претседателот на Карате федерацијата на Македонија господинот Петар Белистојаноски.

Наместо Петар Блеистојановски, Вие, како поранешен претседател, се појавивте да агитирате за останување на Белистојановски на функцијата претседател на КФРСМ. Видени сте во една кафеана во Чаир како држите состанок со една од академиите во карате спортот. Ве прашувам во кое својство се јавувате, дали како личен аѓутант на Белистојаноски? Со тоа вие го омаловажувате Белистојаноски и докажавте дека тој не е вистинскиот претседател на Федерацијата, туку Ваша извршна маша. Вие со далечински управувач раководите со Федерацијата. Вие бевте претседател на Федерацијата 12 години. Ние Ви ја дававме целата поддршка. Сега е време достоинствено да се повлечете и да не се мешате во работата на Федерацијата. Оставете не сами да ја разрешиме состојбата. Ние каратистите, колку и да сме спротивставени, сами ќе најдеме разрешница. Сите сме вљубеници во овој спорт.

Голем е бројот на клубовите што сакаат разрешување на Белистојаноски, затоа Ве молам не го делете каратето. Со цел да ги заштитите двајца-тројца ваши штитеници, вие нанесувате зла крв во македонското карате.

По вашето повлекување од функцијата претседател на Федерацијата оставивте нарушени односи меѓу Федерацијата и Агенцијата за млади и спорт. Во две од три распределби на средства во оваа година Агенцијата ја рангираше нашата федерација на срамните последни места со маргинални средства. Сите трошоци на репрезентативците на Балканското, Европското првенство за сениори и Европското првенство за јуниори паднаа на трошок на натпреварувачите и клубовите. Прв пат по триесетина години и сениорските репрезентативци сами си ги платија трошоците за настап на Европското првенство во Турција.

При своето прво повлекување предложивте кандидат за претседател кој ја доби целосната наша подршка на тајно гласање. Не бевте задоволни од неговата работа. На Ваш предлог тој сам се повлече од функцијата. Застанавте на чело на федерацијата као в.д. претседател и на првото наредно Собрание предложивте друг кандидат за претседател, кој повторно доби целосна доверба од сите нас. Седум – осум месеци по неговиот избор голем број на клубови во Македонија не се задоволни од неговата работа. Ве молам помогнете му и тој да се повлече како што се повлече претходниот претседател. Да се спаси единството во карате спортот. Да не се делат луѓето на ваши и наши. Да нема реваншизми.

И конечно оставете не ние каратистите сами да си избереме претседател во една демократска процедура и атмосфера со повеќе кандидати, кои најпрво ќе ја изложат својата програма пред делегатите на Собранието и во пишана форма до сите клубови“, се вели во писмото на Арсовски упатено до Стојановски.

Се надеваме дека поранешниот претседател Драги Стојановски ќе одоговори на прозивките од поранешниот селектор.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО