Резултати на боксерите на Пинк Пантер невидливи за Комисијата за спорт на Општина Штип

Се чини изборот на спортист за 2017 година може да се нарече „избор на заборавеност“ на Комисијата за спорт на Општина Штип, бидејќи никој не ги виде резултатите и на Боксерскиот клуб Пинк Пантер, барем да биде спомнат во некоја категорија.

На изборот реагираа кикбоксерката Викторија Варадинова, борачот, самбо-борач Бобан Данов, а има реакции и од другите спортови.

Во еден од коментарите на својот ФБ профил претседателот на клубот Илија Младеновски пишува: „Да не е смешно, ќе биде жалосно…ниту еден боксер,ниту еден тренер или спортски работник, ниту, пак, најмало внимание на БК ПинкПантер“. А ФБ страницата Штипски асови ќе забележи дека текстот „Јована Георгиева без конкуренција најдобра“ ги соборил сите рекорди на гледаност и читаност, каде што има многу критики на изборот на спортист на годината.

Ние од наша страна ќе потсетиме на резултатите на Пинк Пантер во 2017 година.

Пинк Пантер е екипен победник на Државното првенство 2017 и, според нашите сознанија, е единствен спортски клуб од Штип со прво место.

Во Првата и Младинската лига на Македонија ја освои вицешампиоснката титула во Младинската лига. Пинк Пантер е единствениот боксерски клуб од Македонија во Регионалната боксерска лига која почна со 7 екипи, а заврши со 5. Но, учеството во меѓународна лига, која се смета за најјака во Европа и која од годинава прераснува во лига на репрезентации, е од големо значење, не само за Штип, туку и за Македонија, бидејќи на тој начин боксот беше помрднат од македонското сивило. Уште позначајно е што потпретседател на Регионалната лига е Илија Младеновски. Од друга страна, Ристе Грбев ја доби честа да биде тренер на репрезентацијата на Регионалниот тим против селекцијата на Италија во Подгорица, Црна Гора. И тоа не се, двјаца боксери на Пантерите Денис Муаремовси и Алмир Нуришов беа дел од Регионалниот тим.

За жал, само повредата го спречи Гоце Јанески да биде прогласен за најдобар боксер во Лигата, а со тоа и Пинк Пантер да добие уште едно големо признание меѓу великаните како Сесвете, Лозница, Радник, Славија итн.

Може да се рече дека тренерски тандем Ристе Грбев и Тони Тричковски е еден од најдобрите во нашата земја. Димитар Ташков имаше неколку добри настапи во РБЛ и на домашните беше непобедлив. Клубот има стандардни репрезентативци, а неговите водечки луѓе се организатори на Меѓунардиниот турнир „Јордан Мијалков“.

На Меѓународниот бокс турнир „Лесковац боксинг деј“ Пинк Пантер беше прогласен за најдобар клуб.

Претседателот на клубот Илија Младеновски се прашува како може овие резултати да не бидат забележани, ниту бокс мечевите на кои имаше илијадници гледачи. Дали е во прашање нешто друго?

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО