Рајан Бадер призна дека му било тешко да се бори против Федор: Ми беше идол, го носеше спортот на грб

Иако синоќа го испрати во пензија победувајќи го, Бадер изјави дека победата не му била толку драга, бидејќи морал да го победи Федор.

Рајан Бадер рано утринава го испрати легендарниот Федор во заслужена пензија, победувајќи го по втор пат од нивната прва средба во 2019 година. Овој пат му требаше уште малку време, но сепак славеше со технички нокаут во првата рунда. Разликата во брзината беше очигледна, па беше прашање на време кога нешто ќе му слета во брадата.

Шампионот во тешка категорија Бадер пред некој ден изјави дека го почитува Федор и неговиот статус на легенда, но тоа не влијаеше на него кога е во прашање борбата. Бадер немаше милост и му нанесе пораз на Федор во последниот меч во кариерата, но призна дека тоа му било многу тешко:

„Победата остави горчлив вкус во устата. Тој беше идол за мене, како и за огромното мнозинство ММА фанови и браќа кои почнуваат. Пред се, треба да станете и да му дадете рака на овој човек за се што направил за овој спорт. Некогаш го носеше целиот спорт на грб. Човекот е голема легенда и мило ми е што бев дел од неговата приказна. Ти благодарам многу, Федор. Ти си вистински маж. Но, на крајот на денот, и јас морав да ја работам мојата работа. Победив и мораме да го преболиме“, изјави Бадер на прес-конференцијата по борбата.

„Дури и не е до победата, за мене е чест што воопшто можев да се натпреварувам против него. Првата борба беше одлична, а и втората. Има толку многу тензија секогаш кога ќе се борите со Федор и ќе застанете спроти него во кафезот. Беше нереално тоа да се направи двапати. Не ме интересира победата, ме интересира да го делам кафезот со него“, додаде тој.

Убаво е да се види дека Бадер толку многу го почитува Федор и дека тој е навистина голем борец и во победа и во пораз.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО