Познати кандидатите за меч против Ентони Џошуа во декември

Борбата меѓу Ентони Џошуа и Дионтеј Вајлдер барем засега нема да се случи, па промоторот Еди Херн е во потрага по нов противник за британскиот тешкаш.

Сопственикот на Мечрум сака да го врати Еј Џеј во победнички ритам и да го подготви еден ден повторно да се обиде да ја освои светската титула.

По двата порази од Александар Усик (во првата борба ги загуби шампионските појаси на ВБА (Супер), ИБФ и ВБО), Џошуа годинава со едногласна одлука го победи Џермејн Френклин, а во седмата рунда го нокаутираше Роберт Хелениус.

Очигледно Херн сака да ја заштити кариерата на Џошуа избегнувајќи опасните борци како Дионтеј Вајлдер или Жилеј Жанг кои можеби би можеле да ја завршат неговата кариера.

Промоторот се надева дека со уште еден „лесен“ меч Еј Џеј би можел да добие борба против Тајсон Фјури, што секако би донело огромен профит.

Се верува дека Херн намерно ја одложува борбата со Вајлдер за Џошуа да може да организира борба против Кралот на Ромите, можеби некаде следната година.

А можниот противник на Џошуа може да се најде меѓу следните кандидати: Агит Кабајел, Демси МекКин, Ото Валин и Џонатан Гидри.

„Добивме понуда од Саудиска Арабија да се бориме со Дионтеј Вајлдер. Двата тима го прифатија, но не беше постигнат договор. Сега размислуваме за друг противник на ново место“, изјави Еди Херн.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО