Поранешниот светски шампион Џорџ Гроувс, кој денес работи како боксерски коментатор, смета дека Тајсон Фјури би можел да ја откаже борбата против Александар Усик и да објави крај на кариерата.
Имено, по неубедливиот настап на Фјури во Ријад против поранешниот шампион на УФЦ, Френсис Нгану, Гроувс истакнува дека можеби е дојден моментот непоразениот ВБЦ шампион да се повлече.
Фјури по мечот изјави дека тоа му била најтешката борба во последните десет години, а победил со поделена одлука. Камерунецот го испрати Кралот на Ромите во нокдаун во третата рунда.
Во пресрет на мечот со Нгану непоразениот Британец потврди дека е договорена борба против Александар Усик која би можела да се одржи на 23 декември исто така во Саудиска Арабија.
Но, Фјури доби расекотина на челото во борбата со Камерунецот, па тој датум се уште е многу сомнителен.
А Џорџ Гроувс тврди дека Фјури и неговиот тим уште од првата рунда знаеле дека мечот против Нгану може да тргне во погрешна насока и не го планирале тоа.
„Усик беше веројатно единствениот борец во толпата кој не беше платен да биде на рингот. Тој беше таму за да ја промовира следната борба. По мечот влезе во рингот и ја чекаше реакцијата на Тајсон. Фјури воопшто не го прозва, тој само рече: „Ќе се видиме на 23 декември, нели?“ Сега ќе легнам“. Тајсон во тој момент знаеше дека оваа борба нема да се одржи на тој датум“, истакнува Џорџ Гроувс.
Тој ова тврдење го поткрепи со фактот што Фјури и Нгану не одржаа прес-конференција по натпреварот.
„По борбата немаше прес-конференција, а една од причините е што Фјури ќе го прашаа за Усик, а не беше подготвен за одговори. Мислам дека за неколку недели ќе излезат во јавноста со некоја голема објава. Фјури не сака уште да зборува за тоа, а мислам дека уште некое време ќе ги избегнува медиумите откако интернетот беше преплавен со обвинувања дека ограбил ММА борец на боксерски меч“, изјави Џорџ Гроувс.
Тој додаде дека нема да биде изненаден доколку Фјури се откаже од борбата за апсолутен шампион во тешка категорија.
„Можеби ова беше последен пат како го гледаме Тајсон Фјури во рингот. Не треба да го обвинувате ако повеќе не се бори, имаше фантастична кариера. Постигна и заработи доволно, што допрва треба да се докажува. Верувам дека тој мисли дека можеби не треба да ризикува борба против Усик“, рече Џорџ Гроувс и подвлече:
„Фјури повеќе би го повредил поразот против Усик отколку да го уценува бидејќи не се борел со него. Сега останува само да ја почекаме неговата одлука“.
Тајсон Фјури по борбата изјави дека му треба „подолг одмор“ пред да продолжи понатаму.