Почна вториот камп за пионери и кадети на ФБСМ (ФОТО)

Вечерва во Скопје во спортскиот комплекс на БК Лирија почна вториот камп за пионери и кадети на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ) со кој се опфатени 40-тина борачи од сите клубови во Македонија. На кампот ќе се работи до сабота.

Тренинзите на кампот ќе ги водат тренерите Седат Бафтиу, Виктор Богданов, Суфијан Исмаили, Давор Тасев, Гордан Николов, Лулзим Вренези и Страшо Глигоров.

Целта на кампот е дружење, спортување, социјализација и едукација, при што ќе се одржуваат по два тренинзи дневно со техничко-тактичко увежбување на дадени ситуации, потоа фитнес тренинзи, како вежби за подобрување на психомоториката.

„Ќе има и борби кои потоа ќе се анализираат, но не само тие, туку и од некои првенства. Ќе ги едуцираме и ќе ја развиваме комуникацијата меѓу борачите. Ќе ги запознаеме со вредностите на борењето и неговата историја. Не застануваме тука, планираме уште еден камп и еден налето. За прв пат ќе подготвуваме борачи за Европското првенство за деца од 12 до 13 години во мај, а есента и настап на Балканскиот шампионат“, вели директорот на репрезентацијата д-р Страшо Глигоров.

Покрај сето ова, ќе се направат тестирања на базичната моторика, при што ќе се прави дата-база за секој борач и ќе се следи неговиот развој.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО