Почина шихан Като кој остави голем белег во македонското карате

Почина уште една карате легенда, шихан Садашиге Като, главен шеф инструктор за светот на Меѓународната јапонска карате до асоцијација (IJKA). Като почина во Англија, но не од корона вирусот, туку, се уште неофицијално, од срцев удар.

Шихан Като, носител на мајсторски појас 9 дан, остави голема трага и во развојот на македонското карате. Тој во 1995 година го одржа неговиот прв семинар во Македонија по покана на сенсеи Славе Пашоски во Охрид. Потоа редвоно доаѓаше во нашата земја во соработка со сенсеи Златко Кескоски, па сенсеи Глигор и Данко Глигороски.

Македонските каратеки ќе речат:„Ни го покажа патот на карате до… Учител со одличен систем и метод на подучување. Голема е загубата за сите следбеници на шотокан рју карате-до, за неговите најблиски, за неговите ученици, за неговите соработници“.

Мене ми беше чест што со шихан Като 1996 година во Охрид направивме интервју за дневниот весник „Дневник“.

Садашиге Като е роден на 22 јули 1943 година во Кочи, Јапонија. Тој присуствуваше на светски познатиот универзитет Такушоку во Токио и тренираше кај сенсеи Цујама, Каназава и Уруи. Влијанието на сенсеи Каназава беше многу силно и така освои место на курсот за инструктори на ЈКА. По завршувањето на курсот за инструктори, шихан Като отиде да предава во Германија и во 1966 година од ЈКА беше испратен во Велика Британија.

Като шихан (мајстор) повеќе од 40 години живеше во Англија и предаваше карате низ целиот свет, за цело време му беше лојален на починатиот шихан Тецухико Асаи 9 дан, главен инструктор за светот на ИЈКА, сè до неговото починување во 2006 година.

Шихан Като е единствената личност што поминала осум рангирања за дан под Асаи Шихан, сведоштво за техничката сложеност на прегледите на Асаи и прекрасните способности на Като, како вистински карате мајстор.

На Конгресот на ИЈКА во 2007 година што се одржа во Будимпешта, Унгарија, по една година почит кон шихан Асаи, шихан Като беше замолено да го заземе местото на главен светски инструктор на ИЈКА.

Неверојатната способност на шихан Асаи да го демонстрира сопствениот стил, таква беше и е способноста на Като да интерпретира и подучува, а тоа придонесе организацијата да расте и да се здобива со популарност кај карате инструкторите кои сè уште се гладни за знаење. Неговиот уникатен стил на предавање и, вниманието на историските детали на Шотокан, ги прави неговите тренерски семинари задолжителни за секој сериозен шотокан каратека.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО