Почина „Разјарениот бик“ Џејк Ла Мота

Боксерската легенда Џејк Ла Мота почина на 95 години.

Ла Мота е поранешен шампион во средна категорија и инспирацијата за легендарниот филм на Мартин Скорсезе, „Разјарениот бик“.

Тој почина од компликации од пневмонија во болница во Мајами, објави неговата сопруга Денис Бејкер.

„Тој беше голем човек, чувствителен и го сакав до крајот. Бог да му даде мир“, изјави Бејкер.

Ла Мота беше познат по неговите битки со „Шугар“ Реј Робинсон, и посебно по улогата на Роберт Де Ниро во филмот од 1980 година. Ламота беше светски шампион во средна категорија од 1949 до 1951 година и влезе во Интернационалната куќа на славните во боксот во 1990 година.

Во својата долга кариера тој имаше 83-4-19 скор со 30 нокаути, боксувајќи повеќе пати во еден месец, добивајќи репутација на „уличен тепач“ и прекарот „Бикот од Бронкс“.

Во 1942 година во „Медисон сквер гарден“, Мота боксуваше првпат против Робинсон, губејќи по брутални 10 рунди на поени. Ова беше прв од шесте меѓусебни мечеви. До крајот на 1947 година, тој не доби шанса да боксува за титули, бидејќи во тој период мафијата го контролираше боксот, и Ла Мота се согласи да „падне“ против следниот противник Били Фокс и плати 20.000 долари на мафијата. Мечот веднаш предизвика сомнежи, а истрагата го казни со 1.000 долари за криење на повреда, а не за местење.

Во 1949 година, тој доби шанса за титула, боксувајќи со Французинот Марсел Сердан, и освојувајќи ја титулата. Римечот не се случи бидејќи Сердан загина во авионска несреќа доаѓајќи во САД на тренинг. Потоа следуваше мечот познат како „Масакрот на Св.Валентин“, кога на 14 февруари 1951 година повторно се судри со Робинсон, кој доминираше до 13-тата рунда кога судиите го прекинаа мечот бидејќи Ла Мота имаше крв во очите и не гледаше. Сепак, тој не беше нокаутиран.

.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО