По доделувањето на ЕП за кадети: Претседателот на ОСБ, Ненад Лаловиќ, исполнува ветувањата, сега на потег е ФБСМ

На големо изненадување на македонската, но и  европската боречка јавност, Македонија ја доби организацијата на Европското првенство за кадети од 14 до 20 мај во Скопје, шампионат што требаше да се оджи во Киев, Украина, од 23 до 29 април.

Ова пријатно изненадување е поголемо, ако се знае дека ЕП за кадети минатата година што се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, требаше да се случува во Скопје, за што има разно-разни муабети, однсно дека некој го шитнал домаќинството.

Се чини дека претседателот на Обединетото светско борење (ОСБ/UWW), Ненад Лаловиќ, доста е толерантен, заедно со претседателот на европската организацаија на ОСБ Цено Ценев. Дури и го туркаат македонското борење, односно неговите водачи да го фатат вистинскиот пат. Така, долго време го толерираа долгот на Федерацијата за боречки спортови на Македонија (ФБСМ) и кога видоа дека не оди работата ја суспендираа ФБСМ од сите натпревари. Но, и во процесот на деблокирање имаа разбирање и дозволија долгот од 50.000 евра да се отплаќа на рати.

Во оваа насока треба да се има во предвид влијанието на Лаловиќ и неговото пријателство со претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Васил Тупурковски, кој застануваше како гарант дека долгот може да се испалти. По заминувањето на Ванчо Чифлиганец од ФБСМ, а кој исто така имаше контакти со првит човек на ОСБ со посредништво на Тупурковски. По шестмесечно беспаќе во ФБСМ, на чело на Федерацијата дојдоа Бетим Вренези и Дејан Богданов. Ретко кој веруваше дека тие може да ја решат настанатата ситуација – суспензија и долг од 50 илјади евра спрема ОСБ и безидејаната состојба во ФБСМ и клубовите.

Убедувањата дека Лаловиќ и Ценев сакаат да помогнат личеа како зборови на високи функционери кои само те тапкаат по рамо. Кога го доделија Светското првенство за ветерани на Македонија, кое ќе се одржи во септември оваа година во Скопје, се виде дека ОСБ навистина сака да му помогне на македонското борење. Секако, во оваа насока Тупурковски и МОК беа мостот за ажурните Вренези и Богданов да го вратат долгот и да ја консолидираат ФБСМ, а македонските борачи да имаат континуиран настап на македонската сцена.

Затоа нема да не изненди ако во иднина добиеме организација и на поголемо првенство, иако веќе за догодина е предвидено да се одржи ЕП за деца, а од ФБСМ го посакуваат и Светското кадетско првенство во 2019 година. Ова е прилика ФБСМ да заработи и да направи солиден фонд со кој ќе се покриваат репрезентативните активности, но како што рекол нашиот народ:„Памет во главата“, односно да не се повтори си туацијата со ЕП од пред 5-6 години, сите да прашуваат каде се парите и да се водат истраги.

Пријателите треба да се користат, но и да им се враќа со дела, а не со зборови. Пред се ако се знае дека се ветени и конктретни работи од материјален карактер.

Да потсетиме дека претседателот на Обединетото светско борење, Ненад Лаловиќ, е избран во Извршниот борд на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), како претставник на Асоцијацијата на Летните олимпијади на меѓунардоните федерации (АСОИФ/ASOIF). Лаловиќ е првиот член во Извршниот борд на МОК од борењето.

Ipon.mk/В.Д.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО