Отворена изложбата „45 години творештво на Ѓуро Илиќ во боречките вештини“ (ФОТО)

Синоќа во свечената сала на Офицерки дом во Битола беше отворена изложбата „45 години творештво на Ѓуро Илиќ во боречките вештини“ пред голем број на негови ученици, поранешни и сегашни, мајстори на боречките спортови, пријатели, соработници… почитувачи на неговото дело.

„Ѓуро  Илиќ, дипломиран правник, со џудо се занимава  од 1969 година, во 1976 година станува  носител  на црн појас, џудо мајстор 1 дан. Во 1986 е првиот аикидо мајстор и е основоположник на аикидо, а подоцна и реалното аикидо. Од 1975 е тренер на Џудо клубот Пелистер од Битола. Раководел со 35 џудо и аикидо школи од државен и меѓународен  карактер. Во овој период околу 7.000 ученици  од Битола биле  оспособувани под  негово стручно раководство, а голем број од нив постигнале значајни  резултати, претставувајќи ги клубовите на државно и меѓународно ниво. Денес е носител на највисоки звања во нашата држава и регионот и тоа: џудо  мајстор  7 дан (доделен од Јунајтед стејтс џудо ранк асоцијацијата-САД ), реал аикидо мајстор 8 дан (доделен од Светскиот центар за реално аикидо) и џиу џицу мајстор 8 дан (доделен од Ол Џапан будо ассоцијацијата-Јапанонија)“, рече спортскиот новинар Зоран Мишевски.

.Доајенот на битолското новинарство, Димче Миновски, близок пријател на Илиќ спомена дека тој е автор на околу 30-тина  публикации, книги, образовни видео и ДВД изданија и списанија од областа на боречките вештини и спортови. Првата брошура во два дела по наслов „Џудо и  гошин џицу” ја објавува во 1977. Првата книга за џудо во Македонија ја објавува 1984. Првата видео касета со наслов „Џудо спорт самоодбрана рекреација“ ја објавува 1989. Првата ревија за боречки спортови вештини под наслов „Црн појас“ на македонски и англиски јазик ја објавува 2001. Во 2007 година е избран за единствен претаставник од нашата држава во Европската куќа на славните за боречките вештини.

Промоторот на изложбата проф. д-р Златко Жоглев, редовен професор на Педагошкиот факултет и носител на црн појас во карате, на почетокот на своето излагање Илиќ го нарече шихан, учител над учителите и продолжи:

„Вечерва сме собрани овде за да му оддадема почест на еден извонреден човек, Шихан Ѓуро Илиќ. А кој е Ѓуро Илиќ? На тоа прашање е тешко да се одговори едноставно и кратко, а за тоа имавме прилика да чуеме од почитуваниот Миновски. Не е за занемарување воспитно-образовното влијание што Шихан Ѓуро Илиќ го извршил врз своите ученици. Имплицитно или имплицитно, тој влијаел врз нив да ја усвојат латинската мудрост „Виртус ест витиум фугере ет сапиентиал прима стултитиа царуиссе!“ (Хорациј), со значење  „Доблест е да се одбегнува порокот, а прва (највисока) мудрост е да не се прават глупости“. Со тоа во голема мерка придонел неговите ученици да станат поквалитетни личности. Мудрец е човек кој го држи факелот во своите раце и на другите им го осветлува патот. Просветлениот човек самиот станува факел и им помага на другите да одат напред по осветлен пат. Гуру „растерувач на темнината“, е учител и мудрец кој на другите им помага да дојдат до вистината.  Шихан Ѓуро Илиќ со се’ што направил досега во боречките спортови и во македонското општество, сосема заслужено може да ги носи епитетите „гуру“ , „мудрец“, па дури и „про светлен човек“. Затоа, тој е еден од првите кој добил заслужено место во Европскиот дом (куќа) на славните за боречки вештини (после браќата Илија и Владимир Јорга и Љубомир Врачаревиќ) од 2007 година“.

Изложбата за отворена ја прогласи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој уште еднаш нагласи дека се работи за извонреден битолчанец, пример за младите и човек кој оставил и досега трага со своето делување на спортски професионален и човечки план.

Илиќ на обраќањето на присутните ја повтори мислата на Џигоро Кано, која била водилка во неговиот развој, но и насока која им ја пренесувал на неговите ученици, а таа е: „Не е важно да си подобар од некој друг, туку да се биде подобар од вчера“.

На изложбата на 20 паноа е претставено целокупното творештво на Ѓуро Илиќ, а по тој повод испечатена е брошура која ја добија сите присутни. Изложбата е по повод 4. Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.

Извор: Битолањуз

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО