Ото Валин: Доколку Фјури во следниот меч не ја брани титулата на ВБЦ, треба да му се одземе појасот

На почетокот на годината сите се надевавме дека Тајсон Фјури и Александар Усик ќе договорат меч за апсолутниот боксерски шампион во тешка категорија.

Кралот на Ромите постојано поставуваше барања кои во еден момент му дојдоа преку глава на Усик, па Украинецот се повлече од преговорите.

Фјури долго време беше без противник, а потоа договори меч против поранешниот шампион на УФЦ во тешка категорија Френсис Нгану.

Нивниот меч ќе се одржи на 28 октомври во Саудиска Арабија, а влогот во борбата нема да биде шампионскиот појас на Фјури во ВБЦ.

Претседателот на ВБЦ, Маурицио Сулејман, неколку пати повтори дека организацијата во моментов нема задолжителен предизвикувач.

Сулејман истакнува дека Дионтеј Вајлдер е на врвот на листата на предизвикувачи на ВБЦ, но Фјури веќе двапати го победил.

Но, Швеѓанецот Ото Валин смета дека појасот треба да му се одземе на британскиот тешкаш ако продолжи да бара такви мечеви.

„Не е добро што го договори мечот против Нгану. Тој е светски шампион во тешка категорија и треба да го брани ВБЦ појасот против врвните предизвикувачи“,- изјави Ото Валин и додаде:

„Сите знаеме зошто се бори со Нгану. Сигурно ќе заработи добри пари. Но, навистина се надевам дека Фјури ќе го брани појасот против некој кој е рангиран на ВБЦ рангирањето по таа борба. Ако не го направи тоа, ВБЦ треба да му го одземе појасот“.

Ото Валин боксираше против Тајсон Фјури во септември 2019 година и добро го намачи Британецот. Кралот на Ромите на крајот победи со едногласна одлука. Швеѓанецот моментално има 25 победи и тоа му беше единствениот пораз во кариерата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО