Оливеира: Го почитувам Хабиб, но тој не ме победил

Актуелниот шампион во лесна категорија на УФЦ, Чарлс Оливеира не смета дека е засенет од поранешниот шампион Хабиб Нурмагомедов кој се пензионира минатата година.

„Многу луѓе ми рекоа дека по битката со Чендлер треба да го нападнам Хабиб, нешто во стилот дека носи „синдикалка“ (маичка) или да кажав нешто за него. Нурмагомедов е голем шампион со 29-0 и заслужува огромна почит. Излегуваше и секогаш го покажуваше доминантниот стил. Се пензионира затоа што неговиот татко почина и за тоа заслужува уште поголема почит. Се заколна на гробот на татко му дека повеќе нема да се бори и што и да кажам за него, тој ќе се повлече“, рече Оливеира.

„Секој би сакал да ја види оваа битка, се разбира, вклучително и јас, но мислам дека не сум во ничија сенка. Тој вели дека ги победил сите во категоријата, но никогаш не се борел со мене, па затоа не може да каже дека ги победил сите – не ме победи. Да, ги победи сите со кои се бореше и заслужува признание за тоа, но новиот шампион во лесна категорија на УФЦ, Чарлс Оливеира излезе и ги заврши своите противници. Започна нова историја во лесна категорија. Она што Хабиб направи досега беше прекрасно, го почитувам тоа, но започна нова ера. Ера на Чарлс Оливеира“, рече шампионот.

Следниот противник на Оливеира најверојатно ќе биде победникот од битката меѓу Конор Мек Грегор и Дастин Пориер, а шампионот воопшто не се срами од фактот што обложувалниците не го сметаат за фаворит во овие средби.

„Напротив, тоа ме прави среќен. Ми се допаѓа да сум аутсајдер. Излегувам и го докажувам спротивното. Секогаш кога луѓето мислат дека не можам да го сторам тоа, излегувам и им докажувам дека не се во право. Секој пат кога ми ветуваат дека ќе ме нокаутираат, на крај си бараат спас во паѓање. На сите им покажав дека имам моќ да нокаутирам. Не ми е важно дали ме сметаат за аутсајдер. Првично, секогаш е 50-50, но победува оној што е подобро подготвен и кој ја одбрал најдобрата стратегија“, рече Оливеира на оваа тема.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО