Нгану за малку ќе го изведеше изненадувањето на векот против Фјури (ВИДЕО)

Саудиска Арабија беше домаќин на еден спектакуларен спортски настан, во кој силите ги одмерија Тајсон Фјури и Френсис Нгану, а од кој дел беше и Кристијано Роналдо како специјален гостин на трибините.

Присутните во Ријад присуствуваа на извонреден бокс меч кој траеше цели десет рунди, но оваа борба доби и контроверзна завршница поради тоа што многумина сметаа дека Камерунецот со француски пасош требаше да оствари победа.

Нгану беше на добар пат да му го нанесе првиот пораз на Фјури во неговата професионална кариера, па иако успеа да го собори и да го патосира во третата рунда, на крајот судиите проценија дека актуелниот првак во тешка категорија собрал повеќе бодови.

Френсис ги имаше поатрактивните потези и Фјури беше пред нокаут и во осмата рунда, но Тајсон уште еднаш ја демонстрираше на дело својата упорност, а потоа со судиската одлука го задржа својот победнички ефект.

 

Првиот судија досуди во корист на Нгану со резултат 95:94, вториот му даде предност на Фјури со 96:93, додека третиот ја одлучи борбата такашто му даде блага предност на „Џипси Кинг“ со 95:94.

 

Веднаш по борбата, Фјури призна дека бил изнамачен од Нгану и дека ова била неговата најтешка борба во последните десет години, што само покажува дека поранешната УФЦ ѕвезда и тоа како може да парира во боксерскиот ринг. Ова беше прва негова официјална борба во професионалниот бокс, а после изданието кое го имаше, сигурно нема да биде последна.

Во конасловната борба на настанот во Саудиска Арабија имаше двајца непоразени британски тешкаши, а поуспешен беше Фабио Вордли (17-0, 16 КО), кој со нокаут во седмата рунда го совлада Дејвид Аделај (12-1, 11 КО).

Вордли го удри Аделај со лева кроше и неколку моменти подоцна мечот беше прекинат (2:43). Дејвид тешко го прифати поразот и го оттурна судијата.

Поранешниот шампион на ВБО, Џозеф Паркер (33-3, 23 КО) го победи Сајмон Кин (23-2, 22 КО) со нокаут во третата рунда (2:04).

Новозеланѓанецот со одличен аперкат го погоди канадскиот боксер кој не можеше да ја продолжи борбата.

На рускиот тешкаш со канадски пасош Арсланбек Махмудов (18-0, 17 КО) му беа потребни само 70 секунди за да го запре Американецот Јуниор Ентони Рајт (20-5-1, 17 КО).

Махмудов најпрво го стресе Рајт со десната рака, а откако доби уште неколку удари, судијата ја прекина борбата

За непоразениот Русин тоа беше 18-та победа во кариерата и 12-та со нокаут во првата рунда!

Осумнаесетгодишниот Мозес Итаума (6-0, 4 КО) договори меч од шест рунди против Иштван Бернат (10-2, 8 КО).

Младиот британски тешкаш ја заврши работата веќе во првата рунда, судијата ја прекина борбата во 1:53 минута.

Непоразениот Итаума стана професионалец дури во јануари и веќе има шест победи, а ова му беше четврти нокаут.

А Мартин Баколе (20-1, 15 КО) со прекин во четвртата рунда го совлада Карлос Такам (40-8-1, 28 КО).

Тешкашот од Конго доминираше во текот на целиот меч и го удри противникот со разорни крошеа, па судијата ја прекина преметката на 45 секунди пред крајот на четвртата рунда.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО