Штетните судиски одлуки им прават стресови на родителите и штета на спортистите, вели Бошко Заборски

Карате клубот Макпетрол -Скопје, беше прворангиран клуб по одржаното Државно првенство за кадети, јуниори и постари јуниори (У-21), со седум пријавени спортисти освои 5 (пет) златни и 2 (две) сребрени медали. По пропозициите на Карате федерацијата на Македонија, за да се обезбеди место во репрезентацијата треба на Плејоф турнирот повторно да се биде најдобар, бидејќи вториот турнир е одлучувачки. По вториот турнир Макпетрол има 4 (четири), репрезентативци кои ќе ги бранат боите на Македонија на Европското првенство во Кипар. Тоа се Стефан Стојановиќ, Витомир Трајковски, Јована Мицковска и Викторија Јовановска.

Б. Заборски, Ј.Мицова, В. Јовановска, М.Перовска и П. Заборски

Во нашата редакција стигаат дописи со изразено незадоволство, и тоа насочено на судиските одлуки и однесување. Најнапред имавме незадоволство изразено од Карате клубот Штип и од неговите тренери Сашко и Жарко Арсовски,

По кажувањата на голем број на клубови и тренери алармантно е тоа што во последно време, Судиската организација, или еден дел од неа, кој е близок до раководството на КФРСМ, како што тврдат овие тренери, се претворила во инструмент за селектирање на репрезентацијата. Главен збор на ова натпреварување има Судиската организација, за која, тренерите кои се опозиција на сегашното раководство, сметаат дека е под влијание на раководните структури во федерацијата, кои, наводно, имале клубови што ги поддржуваат. Федерацијата во моментов е поделена на два дела, очигледно војната продолжува, но сега таа војна се спушти таму каде не треба, на борилиштата.

„Страдаат спортистите, односно тие кои се најмалку виновни за оваа настаната ситуација. Клубовите кои се во моментов опозиција и нивните спортисти се почесто се мети на напади и со помош на еден дел од судиите постојано се прават обиди да се отстранат најдобрите спортисти од овие клубови, секако ако се покаже и најмала шанса за тоа“, вели д-р сц Бошко Заборски главниот стратег на Макпетрол, кој е  наш најтрофеен клуб, со кого разговаравме на оваа тема.

Заборски вели:

„Не сакавме да реагираме веднаш по завршувањето на првенството, прво ги разгледавме видео материјалите ги извадивме спорните моменти, и така дојдовме до заклучок дека судењето на овој натпревар е многу под минималниот критериум да се избира правилно и непристрасно репрезентацијата за учество на Европското првенство. Во принцип, од Карате клубот Макпетрол остварија пласман само многу посупериорните натпреварувачи, кои немаат рамноправни противници во моментов во своите категории. На сите позиции каде може да влијае и најмала судиска неправда, тоа се користи како инструмент за отстранување на спортистите“.

А затоа како се постапува од страна на судиската организација или од еден нејзин дел тој вели:

„Судиите остануваат без реакција и не ги досудуваат реалните поени на спортистот кој сакаат да го оштетат. Со тоа се менува концепцијата , тактиката и начинот на борба. Потоа се досудуваат, непостоечки поени за спортистите кои се подржуваат. Третиот начин е брутален и најлош, кога со помош на Ревју се интервенира и се доделуваат поени кои не се поени, или пак ако е поен тој поен се поништува.

Овој начин на функционирање е застапен веќе подолг временски период, ние како клуб испраќавме дописи неколку пати да седнеме со главниот дел на Судиската комисија и да укажеме со аргументи и видео материјали како доказ за неправилностите кои тие ги прават. Но одговор немаме, тие одбиваат да се седне и да се разговара и продолжуваат со неправдите кои им ги нанесуваат на најнедолжните, а тоа се спортистите.

Витомир Трајковски

Дали на ова реагираат тренерите, Заборски нагалсува:

„Додека се одржува борбата, ние тренерите во оваа ситуација не можеме да промениме ништо. Едноставно, такви се правилата и судиите се заштитени максимално. Тие на овој начин не прават матријални повреди. Место за протест од наша страна нема, затоа што по правилата кои се на сила тренерите не можат да сторат ништо повеќе, освен да гледаат како им се уништува трудот и спортистите“.

Заборски истакнува дека незадоволството е се поголемо.

„Незадоволството не постои само во Макпетрол, незадоволството е кај поголемиот број од клубови и тренери и станува од ден на ден се поголемо. На овој начин најмногу губи спортистот, клубот, тренерот, но и федерацијата, бидејќи спортистите се демотивирани и разочарани од ваквиот начин на функционирање на федерацијата.

За родителите ова се посебни стресови, но актуелниот претседател мисли дека само тој има свое дете спортист, во една прилика кога имаше допис до него од еден тренер, тој веднаш реагираше и напиша „не ми го напаѓајте детето, удрете по мене“. А тој сака да удира по сите спортисти, клубови. тренери и родители, тие деца немаат ли родители? Зашто како претседател кој има најголема одговорност, само молчи и се крие?

Карате федерацијата во моментов е во сериозна криза, овој начин на работа само ќе придонесе да се зголеми незадоволството, ќе се откажат поголем број на спортисти, кои се многу квалитетни. Тие не можат да се помират дека некој друг постојано ги манипулира, девалвира и понижува. Во моментов не постои етика и морал и помалку квалитетните тренери сакаат на овој начин со судиско подржување на одлучувачките натпревари, да вметнуваат свои спортисти во репрезентацијата“.

Стефан Стојановиќ

Тренерот на Макпетрол објаснува зошто се прави ова.

„Помалку квалитетни клубови, изнајдоа начин како да го подобрат финансискиот момент и личниот интерес, Со тоа поединци кои се и актуелно раководство ќе добијат поголеми „ваучери“ како клубови, а спортистите „ваучери“ за „подобри“ спортисти. Агенцијата за млади и спорт на Р.С. Македонија, мора да најде инструмент и начин да не заштити.

И кого треба да штити Агенцијата? Најдобрите клубови, спортисти и тренери, кои со децении носат Врвни спортски резултати за Македонија“.

(Овој став го изразува личното мислење на авторите и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Ипон.мк.)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО