На Дерек Чисора за 50-от меч во кариерата му понудија борба за титулата

Британскиот тешкаш Дерек Чисора (36-13, 23 нокаути) сè уште бара совршен противник за својата 50-та и веројатно последна борба во кариерата.
Дел Бој одамна вели дека ќе се пензионира откако ќе стигне до бројката од 50 борби. Својата 49-та борба ја одржа во февруари кога го победи Ото Валин.
Тоа беше трета победа по ред на Чисора. Во претходните две борби ги победи и Џералд Вашингтон и Џо Џојс, покажувајќи дека сè уште може да се бори на највисоко ниво.
Неодамна, Мурат Гасиев го победи Кубрат Пулев со нокаут во шестата рунда на настан во Дубаи и ја освои привремената титула на ВБА.
Гасиев (33-2, 26 нокаути, 1 НЦ) во интервју за порталот ИБА Про бокс изјави дека Чисора исто така се појавил на настанот и му се обратил за да му предложи борба.
„Тој дојде кај мене по борбата. Не разбрав сè што кажа, но мислам дека сакаше борба. Тој рече „можеби во Москва“, а јас реков „Москва е добра, но ајде да пробаме некаде во Англија. Можеби Вембли…“ – рече Мурат Гасиев и додаде:
„Знам дека не сум ѕвезда за Вембли, но можеби на некој мал стадион или да се вклучам во програмата на некој голем настан. Мислам дека би им дале на навивачите добра борба. Дерек е добар човек. Имам многу почит кон него“.
Ова може да биде добра можност за Чисора да ја освои титулата пред крајот на кариерата, иако Вајт сè уште сака да биде последен противник на Дел Бој откако преговорите пропаднаа во октомври.



