Молдавија депортираше боксери од Црна Гора

Боксерската федерација на Црна Гора потврди денеска дека на петмина боксери и нивниот тренер, поканети да настапат на турнир во Кишињев, им бил забранет влез во Молдавија и тимот е депортиран назад во земјата.

Инцидентот доаѓа неколку денови откако претседателот на Молдавија, Маја Санду, обелодени дека Русија, наводно, планирала да изврши државен удар во земјата, инфилтрирајќи меѓу демонстранти воено обучени луѓе од земји како Белорусија, Црна Гора и Србија.

Црногорската боксерка федерација, како што пренесува подгоричкиот весник „Вијести“, објави дека боксерите Стефан Савкович, Петар Марчиќ, Петар Лијешевиќ, Димитрије Милиќ и Андрија Брајковиќ, предводени од селекторот Никола Ружиќ, биле официјално поканети од организаторите на меѓународниот турнир „Павел Лускески‘.

Федерацијата наведе дека шестмината на аеродромот во Кишињев биле приведени од полицијата.

„Одземени им се документите и цела ноќ минаа во транзитната зона, без храна и сместување. Депортирани се назад во Црна Гора со објаснување дека во моментов се забранува влез на црногорски државјани во Молдавија“, соопшти Боксерската федерација на Црна Гора, апелирајќи до јавноста за смиреност.

„Имаме информација дека женскиот фудбалски тим на Молдавија се наоѓа во Подгорица за да одигра два пријателски натпревари со црногорската репрезентација. Апелираме никој кон нив да не се однесува лошо, туку да ја покажеме нашата спортска величина“, се наведува во сопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО