Металург ја оспорува наградата „8 Септември“ на Петар Белистојаноски

По повод доделувањето на државаната награда за за животно дело и признанија за високи остварувања во областа на спортот „8 Септември“ на државниот празник 8 Септември, при што шахистот Иван Кочовски ја доби државната награда за животно дело, а признанија за остварувања во областа на спортот добија каратистот Петар Белистојановски, пливачот Александар Коцевски Џајо, ракометарот Ристо Магдинчев и кајакарот Ѓокица Николовски, реагира Карате клубот Металург од Скопје, наведувајќи дека меѓу добитниците на овогодинешната награда е и Петар Белистојаноски, тренер на државната сениорска репрезентација од 2012 до 2017 година во Карате федерацијата на Македонија(КФМ), кој во јуни оваа година си поднесе оставка.

„Пред се, би сакале да кажеме дека карате спортот со своите постигнати резултати во сите конкуренции во изминативе години несомнено заслужува вакво државно признание, кое по вторпат се доделува на стручно лице од карате спортот. Прашањето кое го поставуваат добрите познавачи на карате спортот е дали овогодишната награда е отидена во вистински раце?“, се прашуваат од Металург.

За да го појаснат ова прашање од Металург го објаснуваат процесот на избор на репрезентативци во КФМ и улогата која што ја има тренерот на државната репрезентација.

„Процесот за избор на државната репрезентација е целосно определен со Правилникот за избор, финансирање и наградување на државни репрезентативни селекции на Република Македонија (Правилникот) и на него немаат државните тренери влијание или сликовито објаснето Правилникот е селектор. Единствено на тренерот на државната репрезентација му е дадено правото да избере натпреварувачи за екипно натпреварување во борби, со тоа што и тука во Правилникот има точно одредени ограничувања.

На државните првенства и критериумските натпревари тренерот на државната репрезентација, како и останатите тренери од клубовите се бори и настојува неговите натпреварувачи да постигнат најдобар резултат, односно да обезбедат место во репрезентацијата.

Обврска на тренерот на државната репрезентација е да одржи подготвителни тренинзи пред официјални меѓуародни  европски односно светски карате првенства (се одржуваат најмногу до 20 тренинзи пред секое првенство) и да ги води репрезентативците на самото првенство“, се наведува во реакцијата на Металург, додавјќи дека КФМ на крајот од секоја натпреварувачка сезона во месец декември/јануари прави избор на најдобри спортисти и тренери за изминатата година.

Досега Петар Белистојаноски, истакнуваат од овој клуб, со резултатите кои ги постигнал ниеднаш не е прогласен за најдобар, односно најуспешен тренер во КФМ. Потоа се дава преглед за 10 години наназад, за да ја потврдат претходно изречената констатација.

Година Најдобар-најуспешен тренер Доделува
2006 Мирче Јанушевски (Металург) КФМ
2007 Мирче Јанушевски (Металург) КФМ
2008 Мирче Јанушевски (Металург) КФМ
2009 Бошко Заборски (Макпетрол) КФМ
2010 Бошко Заборски (Макпетрол) КФМ
2011 Мирче Јанушевски (Металург) КФМ
2012 Мирче Јанушевски (Металург) КФМ
2013 Арлинд Хусеини(Фати) КФМ
2014 Сашко Арсовски (Штип) КФМ
2015 Мирче Јанушевски (Металург) КФМ
2016 Сашко Арсовски (Штип) КФМ

Се истакнува и дека наградата „13 Ноември“ за постигнати врвни резултати во спортот која ја доделува Град Скопје за спомнатиот период од 10 години ја добиле тренерите на карате клубовите Металург и Макпетрол од КФМ.

Година Награда 13-ти Ноември Доделува
2010 Мирче Јанушевски (Металург) Град Скопје
2011 Бошко Заборски (Макпетрол) Град Скопје

Додека, пак, државната награда „8 Септември“ за постигнати врвни резултати во спортот која ја доделува Град Скопје за спомнатиот период од 10 години ја доби тренерот на карате клубот Макпетрол.

Година Награда 8-ми Септември Доделува
2012 Бошко Заборски (Макпетрол) Република Македонија

„ИО на КФМ, и покрај општо познатите горе изнесени факти, очигледно целосно е одвоен од реалноста во карате спортот, го предлага до Агенцијата за млади и спорт за добитник на годинашнава државна награда „8 Септември“ тренерот на државната селекција за сениори Петар Белистојаноски“, потенцираат од Металург и додаваат:

„Со оваа одлука ИО на КФМ целосно ги деградира останатите тренери кои со нивните натпреварувачи имаат постигнато врвни спортски резултати на официјално меѓународни првенства и освоено повеќе медали, како и вицешампионски и шампионски титули во сите категории од кадети до сениори. За споредба, Петар Белистојановски со негов натпреварувач има освоено единствен бронзен медал и тоа во кадетска конкуренција во далечната 2010 година. И, како што се гледа од табелата, никогаш не бил избран за најдобар тренер во КФМ.

Овде би сакале да укажеме дека како да стана пракса навистина најдобрите натпреварувачи и тренери да бидат прогласувани во КФМ, меѓутоа за надвор од КФМ да се предлагаат за државни награди, за конкурирање за спортски оскари, за финансиски награди, сосема други лица кои немаат никаква врска и заслуга за постигнатите резултати, како што е во случајот со Петар Белистојаноски, кој со само дваесетина одржани тренинзи со сениорските репрезентативци, години наназад ги зема финансиските награди од АМС како најзаслужен за постигнатите врвни спортски резултати на официјалните меѓународни натпревари, а сега и државната награда „8 Септември“ во која е вклучена и финансиска награда од 10 просечни плати“.

На прашањето како е ова можно, од Металург даваат свое видување.

„Најверојатен одговор е дека  најважен критериум за вака незаслужено да бидете наградени на грбот и сметка на другите тренери е блискоста со претседателот. Во прилог на ова би додале дека и изборот за тренер на државна репрезентација за сениори во 2012 година беше фалсификуван од страна на ИО на КФМ во корист на Петар Белистојаноски.

За крај на оваа реакција, би додале дека овој предлог и доделување на  наградата „8 Септември“ на Петар Белистојаноски, народно речено е измама на спортската јавност во Република Македонија и безмилосно крадење на трудот од тренерите во клубовите а во режија на ИО на КФМ, за што некој секако треба да понесе одговорност“.

Ipon.mk/В.Д.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО