Флојд Мејведер го победи Мани Пакјао на поени по 12 рунди во „борбата на векот“, како беше наречен нивниот меѓусебен дуел во Лас Вегас.
Мејведер победата ја однесе со еднголасна одлука на судиите од: 118-110, 116-112 и 116-112, и покрај тоа што сето тоа предизвика многу контроверзи веднаш во светската спортска јавност поради, наводна, пристрасност на судиите.
38-годишниот Американец, како и да е, на тој начин остана непоразен во професионалната кариера, остварувајќа ја и 48-та победа. Од друга страна, година дена помладиот Пакјао го доживеа шесттиот пораз во својот 65-ти меч во кариерата.
Мејведер, како што и се очекуваше, најголемата предност ја направи со подолгите раце и одличната дефанзива. Во првиот дел од борбата Американецот беше подобар, Пакјао во финишот се обиде да донесе пресврт во борбата, но според пребројувањето Мејведер погодил 148 од 435 удари, додека Пакјао погоди 81 од 429 удари колку што се обиде да зададе.
Што се однесува до самиот бокс, ова беше далеку од „борба на векот“, иако имаше и одлични моменти и драми. Но, свирежите кои ги доби Мејведер за време на победничкиот говор доволно зборуваат што публиката мисли за борбата.
Од 2009 година, кога Пакјао и Мејведер се впуштија во меѓусебна расправа, се чекаше оваа борба. За на крајот, сето тоа да мине без големо задоволство на љубителите на бокс.
https://youtu.be/Mx1UvwWiSRw