Мартин Данев: Звучи невозможно, мојот пат кон целта е да потпишам договор со КСВ, Белатор или УФЦ!

Мартин Данев од Будо од Кавадарци победува на три последователни Државни првенствени турнири во ММА со скор од 5-0. Во детство се занимава со фудбал и кошарка, како најпопуларни и најактуелни спортови. На со 17 години, односно 2010 година, кога во  Кавадарци се отвора клуб за кик-бокс и ММА под раководство на тренерот Александар Ристовски за Данев тоа е најпримамливиот спорт, иако дотогаш има неколку клубови во неговиот роден град кои практикуваат различни боречки вештини.

„ММА во Македонија веќе полека го достигнува посакуваното ниво и се повеќе млади дознаваат за овој спорт и активно почнуваат да се бават со истиот“, вели Данев.

Што те привлече да се занимаваш со ММА?

-Овој спорт ме привлече бидејќи е специфичен и доста различен од останатите спортови. Бара голема психофизичка подготвеност, издржливост, самодоверба и е екстремно динамичен и возбудлив. Токму динамичноста и адреналинот се главните фактори поради кои одлучив да се занимавам со овој спорт и истите ме одржуваат да продолжам.

Сега си во серија од 5 победи и три победуваше на Државните првенства. Колку ти значи ова?

-Искрено, јас и мојот тим не сме премногу изненадени од мојот успех, како и екипниот успех на клубот, бидејќи изминатиов период вложивме многу труд, многу напори, се тренира професионално и со голема посветеност. Самиот успех во овие борби го докажува истото, се уште го немате видено најдоброто од мене, искрено имам поголеми цели и ова не е мојот максимум, а на наредните натпреварување се надевам ќе имам можност да го докажам истото.

Од друга страна, на Државното се појавија многу малку борци, иако во Македонија има многу повеќе и настапуваат на разни турнири. Дали е потценето Првенството или…?

-Има неколку македонски борци кои што настапуваат на разни турнири низ Балканот и Европа коишто постигнуваат големи успеси на овие натпреварувања  и оправдано не учествуваат на Државното првенство.

Од друга страна, многу млади и неискусни борци пробаат на најбрз начин да се пробијат на професионалната ММА сцена, иако, според мене, токму овие натпреварувања како нашето Државно првенство, се места кои треба да бидат нивен почеток, односно нивна „отскочна штица“.

Со кого во Македонија сакаш да се бориш, а што не се пријави на Државното?

-Во Македонија има голем број на искусни борци коишто се натпреваруваат во мојата категорија, но би го издвоил Филип Стефановски, како борец со искуство и со голема атрактивност, а воедно и мој добар пријател. За мене би било голем предизвик и чест кога би имал можност за борба со него.

Имаше ли други ММА настапи и како помина?

-Како позначајни настапи можам да ги издвојам Отвореното ММА првенство во Белград каде што достоинствено изгубив против доста поискусен борец од Република Србија. Потоа натпреварувањето во Охрид, тоа е мојата прва официјална победа во овој спорт. Исто така учествував на интернационалниот ЦФСМ/CFSC MMA турнир во Бургас, Бугарија, каде што го освоив третото место. Учествував и на Фајт најт чемпионшип 3 турнирот во Велес и тоа мо беше првата професионална борба, а на истата бев повикан само четири дена пред борбата, како заменски борец, а со контроверзна одлука на судијата бев поразен.

Која е твојата цел?

-Нема да зборувам за целта, ќе зборувам за патот кој морам да го поминам за да стигнам до целта. По последното Државно првенство веќе имав неколку понуди за професиноални настапи во Хрватска, Србија и Босна, но одлучив да не брзам, ќе одам чекор по чекор. Ќе тренирам континуирано, доколку сум во можност сакам да посетам ММА камп во Србија, по што се надевам ќе можам да настапам во вистинско светло на претстојните професионални борби. Иако, можеби звучи невозможно, ако се придржувам до мојот пат кон целта, зошто еден ден да не потпишам договор и со најпознатите светски ММА организации како КСВ, Белатор или па и УФЦ.

Имаш ли ММА идол?

-Нормално дека имам, но неможам да издвојам само еден борец, бидејќи конкуренцијата е голема. Секој борец има свои магични моменти во октагонот, но за мене највпечатливи се Хабиб Нурмагомедов, Рори Мекдоналд и, се разбира, освојувачот на двата шампионски појаси во УФЦ, Конор Мек Грегор.

Што милсиш за мечот меѓу Мек Грегор и Мејеведер?

-Сите добро знаеме дека оваа борба и на двајцата ќе им донесе огромна заработка, но за нас што е најважно е самата борба и тоа како би завршила. Во оваа борба во првите рунди се може да се случи. Фан сум на Конор и ќе навивам за него, но мислам дека Флојд ќе ја добие. Тоа нема да биде победа со одлука на судиите. Како и да е, ние ќе уживаме во овој спектакал.

-За крај, ќе ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на  сите членови на клубот кој постојано ме поддржуваат, исто така на тренерите од клубот, пред се на Александар Ристовски кој несебично ми ја дава потребната поддршка. Тој е најголемиот виновник за патот по кој тргнав, голема  благодарност и до Тодор Анастасиев повеќекратен шампион на Македонија и на Балканот и освојувач на многу европски турнири во кик-бокс. Исто така благодарност и до Михаел Црвенковски, шампион во борење слободен и грчко-римски стил во Австрија од кој научив многу во делот од класичното борење.

Ipon.mk/В.Д.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО