Доминација на Макпетрол – обезбеди седум места во карате репрезентацијата за ЕП

Младите каратисти на Макпетрол викендов во Гостивар на Државниот изборен турнир и Плеј-офот за кадети, јуниори и постари јуниори (У-21) за избор на репрезентацијата за Европското првенство во Прага, Чешка, од 4 до 6 февруари 2022 година, покажаа голема доминација, енергичност и извонредна подготвеност, при што од 9 пријавени категории имаа 7 финалиња и освоија вкупно 9 медали – 7 златни и 2 бронзени.

На првенството имаше пријавено 224 каратисти од 46 клубови.

„Задоволни сме од настапот на нашите млади каратисти и од постигнатиот резултат на овој Државен изборен турнир, кој имаше критериумски карактер за влез на најдобрите каратисти во националниот тим на Македонија. За ова првенство работевме и се подготвувавме многу сериозно. Показател за нашата успешност секако е резултатот кој го остваривме на Балканското првенство, кое се одржа минатата недела во Риека (да потсетиме таму освоивме 4 сребрени и две бронзени медали). Бевме многу мотивирани и демонстриравме модерно олимписко карате.

За нас како клуб, приоритетно е дека докажаните репрезентативци во борбите и двата дена, односно првиот ден кога станаа први на Државниот изборен турнир, и вториот ден кога се одржаа борбите од Плеј-офот ги потврдија своите квалитети и влегоа во националниот тим.

Докажаните европски медалисти Стефан Стојановиќ, Абдурахим Идризи и Глигор Петков се пласираа на Европското првенство, дел од репрезентацијата ќе бидат и Марија Петровска, Витомир Трајковски и Јована Мицовска. Останува да жалиме само поради тоа што нашата потенцијална репрезентативка, која е на ниво да донесе медал од ЕП, Викторија Јовановска, иако беше прва на Државниот избортен турнир, не успеа да се пласира и нема да биде дел од тимот за Европското првенство во Прага“, изјави тренерот Петар Заборски и додаде: „Нашата нова членка,Јована Мицовска, првиот ден беше второ рангирана, но преку борбите во Плеј-офот успеа да оствари пласман и да биде прворангирана во својата категорија јуниорки -59 кг, така да и таа ќе биде дел од репрезентацијата“.

Мицовска од јануари официјално ќе стане дел од Макпетрол.

Медалисти од Макпетрол на ова Изборно првенство се:
1.Марија Петрова  – 50 кг постара јуниорка,(У-21), златен медал
2.Викторија Јовановска – постара јуниорка (У-21), златен медал
3.Абдурахим Идризи -60 кг постар јуниор (У-21), златен медал
4.Глигор Петков -84 кг, постар јуниор (У-21), златен медал
5.Стефан Стојановиќ + 84 кг, постар јуниор (У-21), златен медал
6.Витомир Трајковски -76 кг јуниор , златен медал
7.Данило Божовиќ +76 кг, јуниор, златен медал

8.Димитер Лозановски кадет -63 кг, бронзен медал
9.Даријан Тасевски постар јуниор +84 кг, бронзен медал

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО