Македонци испишаа историја на Денот на мирот во Чикаго

Во срцето на Чикаго, на плоштадот Дејли, повторно оддекна силна порака за мир, љубов и единство. Годинава, Македонија испиша нова страница во историјата на овој глобален настан – за прв пат нашата дијаспора, црква и држава беа претставени преку настап на македонската фолклорна група.
Фолклорната група при црквата „Св. Кирил и Методиј“ настапи со традиционалното македонско оро „Водарки“, носејќи дел од македонската душа и традиција пред илјадници присутни и дипломатски претставници од целиот свет. Настапот беше историски, бидејќи никогаш досега македонски фолклор не бил дел од толку голема и значајна манифестација во центарот на Чикаго.
Заслугата за оваа уникатна можност ја има токму Дејан Милошевски, кој не само што во 2024 година беше прогласен за Амбасадор за мир, туку оваа година, 2025, повторно ја доби истата чест – Амбасадор на мирот за 2025 претставувајќи ја Македонија со гордост и посветеност.
Милошевски беше и главниот иницијатор и координатор за учество на македонската фолклорна група, овозможувајќи нашата култура да се вброи меѓу светските традиции кои ја испраќаат пораката за мир.
„Денот на мирот е потсетник дека културата и спортот се најсилни мостови меѓу луѓето. Македонија има што да покаже на светската сцена и ова е само почеток,“ истакна Милошевски.
Сите присутни уживаа во настапот на македонската група и добија бројни позитивни критики од речиси сите официјални лица и гости на манифестацијата. Посебна благодарност беше упатена до координаторката на фолклорот Даниела Тренеска, чиј труд и посветеност ја овозможија оваа успешна изведба.
Милошевски изрази длабока благодарност до црквата „Св. Кирил и Методиј“ за поддршката и визијата со кои стана можен настапот на нашата фолклорна група. Воедно, тој со жалење напомена дека другата македонска црква во Чикаго, „Св. Петка“, за жал никогаш не собра храброст да го поддржи во неговата мисија и иницијативи за презентација на Македонија на вакви меѓународни настани. Истовремено, Милошевски изрази надеж дека македонската дијаспора ќе се вклучи уште повеќе, ќе се обедини и конечно ќе ги тргне на страна личните интереси за да се даде силна и обединета поддршка на сите кои потекнуваат од Македонија.
„Само така ќе можеме да испратиме вистинска порака за мир, љубов и соработка,“ додаде тој.

На овој значаен настан присуствуваше и македонскиот конзул во Чикаго. Со своето присуство ја потврди важноста на моментот за македонската заедница во дијаспората. Настанот беше емитуван во живо на десетици локални телевизии, а наскоро се очекува да се емитува и прилог на нашата Mакедонска телевизија со што историскиот настап на Македонците во Чикаго ќе добие уште поголема видливост и значење. Со вакви успеси, македонската заедница во Чикаго не само што ја негува својата традиција и идентитет, туку и остава длабока трага на глобалната сцена, докажувајќи дека *Македонија, иако мала по големина, е голема по дух и култура“.



