Лука Змејковски е најдобар млад спортист, а Дарко Гоцевски најтренер за 2023 година на Виница

Кикбоксерот Лука Змејковски во младинска и фудбалерот Марио Крстевски во сениорска конкуренција се најдобри спортисти на Виница за 2023 година, додека најдобар тренер е Дарко Гоцевски.

Лука Змејковски е член на КБК Лидер кој минатата година го освои првото место на Балканскиот кикбокс куп, беше второпласиран на Европското првенство во ВАКО кик бокс, а на Државното првенство го освои бронзениот медал. Крстевски пак, е еден од најталентираните винички фудбалери и како признание за тоа веќе настапува за фудбалска екипа во Словенија.

Наградата за најдобар тренер му припадна на Дарко Гоцевски од кикбокс клубот Лидер, а Ангел Дамјанов од ФК Слога е избран за спортски работник за минатата година. Признание за најдобар спортски рекреативец му беше доделена на велосипедистот ветеран Ванчо Коцев.

„И оваа година покажавме, како и неколку години наназад, дека најдобрите спортисти се од нашиот клуб. Нашата цел, пред се, е младите да размислуваат и да се занимаваат со спорт да бидат понастрана од лошите пороци што некој им ги нуди и се застапени се повеќе во нашиот град.

Благодарност до сите кои што ни помагаат и даваат подршка и пофалби до Општина Виница за организацијата, Орбита дооел и Мебел ви“, рече тренерот Дарко Гоцевски.

На манифестацијата „Спортски асови“ што ја организираше Општина Виница, беа доделени награди и признанија за спортистите и екипите во неколку категории, а во образложението беше речено дека целта е да се поттикнат младите да спортуваат и да постигнуваат високи резултати.

Младинската фудбалска школа на ФК Слога 1934 е избрана за најдобра во категоријата спортски екипи, а признанија за постигнати високи резултати и промовирање на општината во областа на спортот добија младите спортисти Анастасиј Гоцевски, Нина Колева, Анастасија Андонова, Александар Веселинов и Борис Митревски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО