Ломаченко прозборе за поразот од Лопез (ВИДЕО)

Поранешниот светски шампион во лесна категорија Васил Ломаченко во октомври го забележа само вториот пораз како професионалец.

Украинецот, кој претходно важеше за недопирлив, беше тотално надмудрен од Теофимо Лопез и заслужено појасите на ВБА, ВБО и ИБФ станаа сопственост на Американецот со корени од Хондурас.

Она што ги шокира многумина, пасивноста што ја покажа двократниот олимписки шампион. Лома како да не беше присутен во рингот во првите 5-6 рунди и го остави повисокиот противник да удира како што сака.

32-годишниот Ломаченко немаше одговор за движењата и нападите на младиот предизвикувач, а сите се прашуваа каква тактика избраа Украинецот и неговиот тим.

„Требаше да го натерам да се движи напред“, рече Лома во едно интервју.

„Требаше да правам комбинации и да ги избегнувам неговите удари, но во воведните рунди се борев само од задната нога. Дистанцата ми бегаше.

Сакав да го исфрлам од рамнотежа и да ја започнам мојата борба, но тоа едноставно не се случи. Ова се случи само во вториот дел од мечот, кога бев далеку поактивен.

Тактиката за средбата беше различна, затоа што бев повреден. Го сменивме планот во движење откако го повредив рамото. Требаше да бидам многу претпазлив да не ги комплицирам работите во првите неколку рунди.

Но, тогаш сфатив дека ја губам борбата на тој начин и морав да започнам да влегувам поагресивно. После петата рунда сфатив дека не можам да си дозволам да имам нови изгубени рунди. Рамото не ме болеше на почетокот затоа што многу не задав удари.

Болката почна да си го зема својот данок во осмата и деветата рунда, кога моите удари почнаа да ја погодуваат целта“, додаде поранешниот шампион, чија рехабилитација во моментов оди по планот.

Сепак, сè уште е непознато кога ќе го видиме Лома во рингот и кој ќе застане против него на неговиот следен меч.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО