Ленокс Луис откри кој му бил најтежок противник во рингот

Последниот апсолутен шампион во тешка категорија Ленокс Луис имаше голем број на големи противници во текот на својата богата и успешна кариера.

Во текот на кариерата извојува 41 победа (има два порази и една нерешена), а има триумфи над Френк Бруно, Реј Мерсер, Ендрју Голота, Мајк Тајсон и Витали Кличко.

Во септември 1998 година со едногласна одлука на судиите го победи Жељко Мавровиќ.

Во интервју за магазинот Ринг Луис откри дека негов најтежок противник во рингот бил Ивандер Холифилд.

„Ивандер беше многу талентиран, иако бев разочаран што со глава ме удри во тие борби. Се зборуваше дека е најголемиот тешкаш во нашата ера, но никој не можеше да го каже тоа додека не се бореше со мене“, рече Ленокс Луис и додаде:

„Во првата борба беше премногу самоуверен и пееше во рингот. На крајот остана шокиран кога мечот заврши нерешено. Вториот пат знаеше што да очекува, па беше потешка борбата. Но, на крајот победив“.

Луис и Холифилд првпат боксираа во март 1999 година, Британецот на маса ја донесе титулата на ВБЦ, а Холифилд се појави со шампионските појаси на ИБФ и ВБА. Тоа беше прв меч за апсолутен шампион и заврши нерешено.

Во ноември истата година дуото повторно се најде во рингот, а Луис беше поуспешен и ги обедини шампионските појаси во тешка категорија.

„Холифилд имаше одлична разновидност во одбраната. Можеше да ги прекрсти рацете како Џорџ Форман, но беше добро обучен и за традиционалниот тип на одбрана што се учи кај аматерите“, рече Ленокс Луис и подвлече:

„Ивандер претставуваше вистински предизвик и морав да вложам многу труд за да ја пробијам неговата одбрана и да стигнам до победата. Не можев само да испукам еден или два истрели и да бидам задоволен, морав да имам многу комбинации“…

Тајсон Фјури и Александар Усик неодамна се договорија за боксерски меч за обединување на шампионските титули во тешка категорија.

Нивниот меч би требало да се одржи во Саудиска Арабија кон крајот на оваа година или во јануари следната година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО