Красјук: Саудиската понуда до Фјури ќе биде последна во неговата кариера (ВИДЕО)

Тајсон Фјури и Александар Усик изгледаат подготвени да направат последен обид да ги обединат сите значајни појаси во тешка категорија и конечно да стават крај на долгото чекање за неприкосновен шампион во дивизијата. Менаџерот на Украинецот Александар Красјук во последното интервју за ИФЛ ТВ изјави дека Британецот многу брзо ќе ја добие последната понуда од саудиска страна.

„Колку што знам, наскоро ќе му ја испратат официјалната понуда. Тогаш сè ќе биде целосно во рацете на Тајсон – земете го или откажете се. Направивме се што беше во наша моќ за да се случи оваа борба, а сега топката е на теренот на Тајсон. Понудата е се или ништо. Ако прифати, тогаш ќе го добие најголемиот меч во кариерата. Ако се двоуми или пак почне да тргува, тогаш ќе биде јасно дека е несериозен и треба да се откаже од појасот и да се пензионира. Не за месец или недела, туку засекогаш“, изјави Красјук.

„Ромскиот крал“ моментално е во Тајланд каде ја промовира својата линија спортска облека и пред една недела беше во Австралија за да бара место за неговата следна борба.

Александар Усик, пак, се подготвува за својата борба против задолжителниот предизвикувач Даниел Дубоа на 26 август во Варшава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО