Конор Мек Грегор тренира два пати на ден, но во октагонот ќе се врати дури иднатата година

Помина повеќе од една година откако Конор Мек Грегор тешко се повреди на мечот против Дастин Пориер. Големата ѕвезда на УФЦ ја скрши ногата и мораше да оди на операција.

Повредата беше санирана, а Конор се врати на тренинзите. Но, се чини дека не брза да влезе во октагонот, иако често објавува фотографии и видеа од тренинг.

Имено, Мек Грегор доби улога во римејкот на големиот филмски хит Роуд хаус од 1989 година, во кој главната улога ја имаше Патрик Свејзи.

Во филмот Џејмс Далтон ќе го игра Џејк Гиленхал, додека славниот Ирец ќе има споредна улога.

Менаџерот на Конор, Тим Симпсон, потврди дека снимањето ќе започне наскоро на Карибите.

„Пред него е мала забавна авантура, а потоа се враќа на искачување на планината. Совршено се вклопува, тој е на пат кон големо враќање следната година“, изјави Тим Симпсон.

Менаџерот истакна дека Мек Грегор веќе е во одлична форма, но чека целосно  да закрепне ногата.

„Конор е спортист од светска класа и неговата желба е да биде најдобриот борец во светот. Се уште се опоравува од повредата и продолжува да се подготвува за враќање. Не размислува да стане актер, а сега има одлична можност да се проба и во тоа. Верувам дека тоа ќе го направи брилијантно“, изјави Тим Симпсон и заклучи:

„Ногата се опоравува и треба уште малку време, но тренира како лудак. Два пати на ден, секој ден. Тренира исклучително напорно и е во неверојатна форма. Потребно е само последно брусење за да се врати ногата како што беше пред да се повреди“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО