Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија се оградува од настанот во Струга: Тоа е настан од бизнис и забавен карактер и нема спортски и едукативен опус

Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија (КМФМ) и Дејан Митровски – Урко, како нејзин претседател и претседател на Балканската кик бокс федерација, информираат дека е донесена едногласна одлука на Управниот одбор на КМФМ со која се ограадуваат од кик бокс настанот кој ќе се одржи на 28.07.2023 година на ракометното игралиште – „Женска плажа” во Струга, затоа што истиот ќе се одржи од клубови кои не се членови на КМФМ.

„Со цел и во насока да се спречи одржување на настани кои се во спротивност на спортската етика, со официјален допис ја замоливме Агенцијата за млади и спорт и локалната самоуправа во Струга да дејствуваат за да се спречат „диви“ настани кои не се од спортски карактер, преку нивно дејствување со спроведување на зачестени контроли за исполнување на услови за одржување на спортски турнири.

Сметаме дека ваквите настани се организираат со единствена цел и мотив, остварување на профит. Тоа е настан од бизнис и забавен карактер, и истиот нема спортски и едукативен опус и се организира од неовластени лица со цел личен маркетинг и финансиска заработка.

Нагласуваме и ја информираме целокупната спортската јавност дека организацијата на овој настан не е дел од Кик бокс маи таи федерацијата на Македонија и истиот се организира без дозвола од КМФМ за организирање на ваков настан, а ќе се организира од лица кои немаат регистрирани кик бокс клубови во КМФМ и немаат никаква функција во нашата федерација“, истакнуваат од КМФМ во соопштението за медиумите и нагласуваат:

„Ја известуваме јавноста дека на овој настан нема да учествува ниту еден репрезентативец на КМФМ или регистриран натпреварувач од редовите федерацијата.

Согласно Дисциплинскиот правилник на КМФМ, секој клуб или натпреварувач што самоиницијативно и без дозвола од КМФМ ќе земе учество на неовластен и не поддржан настан, ќе биде соодветно санкциониран“.

Од федерацијата истакнуваат дека во овој случај КМФМ не може да делува според Дисциплинскиот правилник на КМФМ, бидејќи се работи за диви клубови и натпреварувачи, но може да дејствуваат преку информирање на соодветните институции.

„Ваквите натпревари го загрозуваат угледот и имиџот на кикбоксот како спорт во Македонија, наспроти напорите на нашата КМФМ да дејствува во насока на едукација и развој на спортот и спортскиот дух.

Оттука, ги молиме горенаведените институции да реагираат согласно нивните надлежност и овластувања, а медиумите да ја проследат нашата информација и медиумски да не поддржуваат вакви нелегални настани“, истакнуваат од КМФМ.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО