Канело ги тужи Оскар де ла Хоја и ДАЗН

Светската боксерска суперѕвезда Сол Алварез – Канело поднесе тужба против неговиот промотор Оскар де ла Хоја пред Федералниот суд во Лос Анџелес.

Ова вчера го откри американскиот новинар Мајк Копингер. Покрај Де ла Хоја, Алварез ќе ги тужи и Голден бој промоушнс и ДАЗН.

Мексиканецот не се борел од ноември минатата година, иако интересот за него е огромен, тој сè уште нема објавено ривал или датум за неговото враќање. Тоа е причината северноамериканецот да има затегнати односи со луѓето кои се грижат за неговата кариера.

„Немам страв од никого во рингот и нема да дозволам неуспесите на мојот ТВ оператор и промотор да ме држат надвор од рингот“, се вели во тужбата на Алварез.

„Јас сум најдобриот боксер во светот… со оваа парница сакам да се вратам меѓу јажињата и да им дадам на моите фанови шоу што го заслужуваат“, додаде боксерот.

Ова не е прв пат Канело и Оскар де ла Хоја да се соочат. Минатата година, Сол рече дека неговиот промотор е нелојален, а оваа година ѕвездата во подем на компанијата Рајан Гарсија исто така се скара со Де ла Хоја.

Во ист лонец со промоторите на Мексиканецот е и онлајн платформата ДАЗН, која ги пренесува борбите на Алварез. Пред две години, Канело потпиша феноменален договор вреден 350 милиони долари, што значи 35 милиони долари по меч.

Сепак, стриминг платформата има сериозни потешкотии во плаќањето на хонорарот на Алварез поради слабиот интерес за неговите противници, кои ги избираат Оскар де ла Хоја и Голден бој прмоцијата.

Извори блиски до боксерот тврдат дека ДАЗН понудил далеку помала сума за следниот меч, што пак го натерало Алварез да побара од промоторите да му обезбедат нов ТВ-оператор, но ова удрило на тврдо.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО