Канело доминираше и победи во трилогијата против Головкин

Канело Алварез (58-2-2, 39 КО) со победа ја заврши трилогијата против Генади Головкин (42-2-1, 37 КО).

На боксерскиот спектакл во Лас Вегас, по 12 рунди, мексиканската ѕвезда по вторпат го победи Казахстанецот со едногласна одлука и ги одбрани ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ и ВБО појасите светски шампиони во суперсредна категорија.

Сите тројца судии му доадоа предност на Канело (116-112, 115-113, 115-113).

Мексиканецот го надбоксира противникот во трилогијата која започна во септември 2017 година, кога мечот заврши без победник, а една година подоцна Канело победи со поделена одлука.

По тие мечеви се влечеа опашки, но овојпат нема сомнеж за триумфот на Алварез.

Канело доминираше во текот на целиот меч, а по поразот во мај од Бивол, убедливо стигна до 58. победа во кариерата.

Алварез беше многу поподвижен и поопасен од Головкин, кој не беше ни блиску до борецот што беше пред четири години.

И двајцата изгледаа решително во првата рунда, но Канело покажа малку поголема активност.

Мексиканецот продолжи со силни удари во ист ритам да го удира Головкин, кој се обидуваше да возврати.

Алварез во третата рунда неколку пати го удри Генади, чие лице веќе беше посинето.

Мексиканецот продолжи да упатува силни удари и изгледаше одлично, додека Головкин делуваше бавно.

По малку посмирената шеста рунда, Мексиканецот повторно го засили темпото.

Канело доминираше во текот на првиот дел од мечот, а Казахстанецот се смири дури во деветата рунда, што беше малку предоцна.

Дотогаш лварез веќе имаше изградено значителна бодовна предност. Во продолжението ја врати контролата, а беше јасно дека борбата ќе оди во 12. рунди.

А последната рунда беше испрекината со бројни клинчови, кои предизвикаа свирежи од публиката во Т-Мобиле арената во Лас Вегас.

Канело по средбата изјави дека сака реванш против Бивол откако добро ќе се одмори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО