Поранешниот светски шампион Израел Васкез ќе го загуби десното око како последица на неколку сериозни повреди кои доби во текот на кариерата.
38-годишниот Мексиканец беше еден од водечките боксери на планетата, пред да објави дека се повлекува во 2010 година. Тој е добро познат по четирите брутални дуели со Рафаел Маркез.
Васкез, кој ги поседуваше светските титули на ВБЦ и ИБФ во супер-перо категорија, изнесе детали за непријатната ситуација:
„Проблемот очигледно дојде по последниот меч во мојата кариера против Рафаел Маркез. Сепак, не сакам да ги демонизирам спортот или натпреварите, бидејќи пропустот претежно беше од страна на мојот доктор и од мене“.
„Имав многу операции, а при една од нив во окото ми беше поставен силикон. Претпоставував дека лекарите знаеја што прават. Така и не успеав да го обновам видот сто проценти, но можев да го живеам својот живот. Веќе не можам да гледам со десното око. Изградив живот со левото око и немам проблеми“.
„Се уште нема датум за операцијата, но ќе видиме кога ќе можеме да ја направиме. Знам дека од психолошки аспект воопшто нема да ми биде лесно, но тоа е нешто кон што ќе треба да се навикнам“.
Израел Веласкез победи во два од четирите меча со Рафаел Маркез, а има победи и над ривалите како Џони Гонзалез и Оскар Лариос.