Ислам Махачев: Каква пензија? Само што почнувам!

Оние околу Ислам Махачев можеби имаат некои идеи за тоа кога ќе се пензионира од ММА, но тој ќе биде оној што ќе ја донесе конечната одлука.
Еден од неговите долгогодишни тренери, Хавиер Мендез од Американската академија за кик бокс, минатиот месец изјави дека верува оти на Махачев (27-1 ММА, 16-1 УФЦ) му остануваат само три борби во кариерата. Една од тие борби е неговата очекувана следна sredba против шампионот на УФЦ во велтер категорија, Џек Дела Мадалена.
Малку подоцна, еден од менаџерите на Махачев, Али Абделазиз од Доминанс ММА, изјави дека тоа не е вистина. Абделазиз верува дека поранешниот долгогодишен шампион во лесна категорија на УФЦ има најмалку три добри години во кафезот. Махачев, од своја страна, рече дека секој е добредојден да го сподели своето мислење, но пензионирањето не е опција во моментов.
Тој е фокусиран на освојување на нов предизвик. Ислам е фокусиран на остварување на својот сон за титула во велтер категорија на УФЦ откако ја напушти титулата во лесна категорија.
„Хавиер има свое мислење, Али има свое мислење. Јас имам мое мислење. Само што почнуваме. Ова е нова книга. Само што почнуваме“, рече Махачев.
По неколку исцрпувачки намалувања на тежината во лесна категорија, Махачев ќе добие одредено физичко олеснување натпреварувајќи се во велтер категорија. Ѕвездата од Дагестан потенцијално би можела да додаде повеќе борби во својата кариера. Прашањето е колку често ќе може да се натпреварува.
Махачев првично се надеваше на три борби во 2025 година. Но, со оглед на промената на тежинската категорија, ќе бидат две. Тој би претпочитал да се бори на УФЦ 321 во Абу Даби на 25 октомври или, идеално, на настанот УФЦ 322 во ноември во Њујорк.
„Ќе видиме кога ќе се борам. Медисон сквер гарден или Лас Вегас или Абу Даби, бидејќи сè уште не сме го одредиле датумот. Ако не во Медисон сквер гарден, сакам да се борам во Абу Даби. Не сакам да чекам“, рече Махачев.



