Иранскиот шампион во борење, 27-годишниот Навид Афкари, беше погубен откако беше осуден за убиство на припадник на обезбедувањето на антивладини протести во 2018 година, објавија локалните медиуми.
Според судот во провинцијата Фарс, Афкари бил погубен, откако бил осуден на две смртни казни, во судскиот процес што го покренале родителите и семејството на жртвата.
Меѓународната асоцијација на спортисти (ВПА), која брои повеќе од 85 000 членови, претходно повика на исфрлање на Иран од сите спортски настани доколку властите во земјата го погубат Афкари.
Некои организации предупредија дека Афкари бил мачен за да даде лажно признание.
Активисти за човекови права тврдат дека борачот протестирал мирно, а неговиот правен тим тврди дека нема докази дека тој го извршил убиството. Иранското судство ги отфрли обвинувањата за тортура и објасни дека Афкари „убил невин човек со нож и тоа го признал пред судот“.