Игор Златков – претседател на БФМ: Македонскиот бокс оди во нагорна линија!

Годинава работите во македонскиот бокс мрднаа од мртва точка, иако со мало задоцнување. Сепак, профункционира Првата и Младинската лига на Македонија, се одржаа државните првенства, боксерите добија опрема, има организиран превоз за одење на лига натпреварите, Пинк Пантер учествува во Регионалната боксерска лига, репрезентацијата имаше организирани подготовки во Турција и во Македонија пред 47-то издание на Златниот гонг, се исплати долгот спрема семејството Неделковски поради што беше блокирана смтеката на Боксерската федерација на Македонија (БФМ) и друго.

Со завршувањето на Златниот гонг се заокружи една целина во годината, при што наш боксер се уште не се појави на Европско првенство. Ова е причина повеќе за разговор со првиот човек на БФМ, претседателот Игор Златков.

Со завршувањето на Златниот гонг речиси се завршија активностите во боксот за оваа година, бидејќи остануваат само уште две кола од Првата и Младинската лига. Како го оценувате настапот на Златниот гонг?

Златниот гонг на 46-тото издание беше освоен од страна на најдобриот македонски боксер Гоце Јанески. Оваа година го организиравме 47-то издание и можам да кажам дека организацијата беше на многу високо ниво,  како што доликува на врвна спортска манифестација. Тоа што разочарува е посетеноста од публиката, но мислам дека причина е заситеноста на граѓаните на град Скопје од спортски настани, па така на фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Норвешка немаше публика, а на ракометот помеѓу Металург и Монпеље имаше само 500 гледачи, иако цената на влезницата беше значително ниска. Околу посетеноста на Националната лига можеме да промениме нешто, затоа што од следната сезона ќе бидат организирани ширум државата, не како што беше оваа година само во Скопје и Штип. Со тоа ќе ги привлечеме граѓаните од другите градови да уживаат во овој спорт и во исто време да направиме и маркетинг на боксот. Но, околу посетеноста на Златниот гонг, верувајте дека не можам баш ништо да направам, освен да ги поканам љубителите на боксот што е можно помасовно да присуствуваат.  Верувајте дека по победата на секој боксер најважно му е да биде победата видена масовна од публика. На Златниот гонг ниту еден македонски боксер не издвојува победа, но затоа сите наши боксери издржаа по три рунди. Квалитетот на боксерите од другите држави беше доста добар, а нашите боксери успешно се држеа се до крајот на третата рунда и пресудна беше судиската одлука. Отворени сме за критики затоа што ги заслуживме по поразите кои што се надевам дека ќе вродат плод. Ова ќе ни биде доста добар мотив и инспирација за следната година да посветиме поголемо внимание на боксерите, тренерска помош, доколку е непоходна, и избор на натпреварувачите.

Како прв човек на боксот во Македонија, по одржаните кола во Лигата, Држаните првенства, меѓународните турнири, Регионалната бокс лига и Златниот гонг, имавте можност директно да ги следите сите настапи, но и организациски да влијаете на состојбите. Какви се Вашите заклучоци?

Како претседател на БФМ приствувам и ќе присуствувам на секое коло од Државната лига, Државните првенства и, се разбира, Златниот гонг, а тое поради љубовта спрема овој спорт и затоа што сум директен или индиректен организатор на овие настани и спортски манифестации. Единствено, никогаш не сум присуствувал на натпревари од Регионалната лига, а тоа е затоа што никогаш не сум бил поканет. Може во иднина ќе се променат некои работи околу организацијата па ќе може да земам учество и во Регионалната лига. Тоа што го забележав на почетокот, а споредбено со крајниот дел од сезоната, е квалитетот на боксот и бокесрите, бројот на натпреварувачите и однесувањето на тренерите. Сето тоа е со позитивен тренд и искрено се надевам дека така и ќе продолжи. Единствено каде што не можам да имам никакво влијание е судиската организација, за која често пати имаме поплаки од тренерите или боксерите поради неправилности во судењето, но сепак тие се искусни во својата професија и со сигурност добро си ја познаваат работата. Ни недостасува посета на турнири во соседни држави, трансфер на искуство во нашата држава и се разбира како тоа ќе биде прифатено доколку сакаме да биде имплементирано во Република Македонија.

Во која насока оди македонскиот бокс?

Се разбира, во нагорна линија. Повеќе боксери, повеќе клубови, подобро организирани натпревари, подобри обезбедени услови за секој боксер, постручен тим се само дел од тоа што придонесува за воскреснување на боксот и поголемите успеси кои што ни претстојат во иднина. Целта ни е Европско првенство и Олимпијада, но и за тоа е потребно време, трпение и разбирање. Апелираме за помош од сите љубители на боксот, АМС, донатори, спонзори итн, односно сите оние кои што можат да дадат придонес за овој олимписки спорт.

Се планираше омасовуавње на боксот, но по сето она што го видовме во изминатиот период, едонставно, Македонија нема капацитет за повеќе клубови, барем во овој периот. Дали планирате некои промени за идната година на организацски план?

Точно е дека очекувањата ни беа поголеми а реализацијата не е толку позитивна. Но уште еднаш да ве потсетам дека по тригодишна пауза да имаме 18 клубови кои се членови на БФМ, сепак е еден вид на успех. Со сигурност од следната година ќе имаме поголем број на клубови, а во најмала рака повеќе боксери од секој БК. Стратегијата на УО при БФМ е финансиска стимулација за секој клуб, но во исто време професинално организирање на секој нетпревар, без разлика дали е дел од Државната лига или традиционален турнир. Како потсетување, дали некогаш натпреварувачите од Македонија на Златен гонг биле 30 дена во карантин во присуство на тренер и медицинско лице, а при тоа да бидат обебздени сите услови што доликуваат на врвен спортист, тоа се: престој, исхрана, облека, транспорт, спортски амбиент, услови за тренинг итн. Или, дали се сеќавате некогаш транспортот, храната, престојот, финансиските награди и опремата да биле обебзедени од БФМ за врме на коло од Национална лига. Како УО, ова го правиме за да ги озбедиме сите потребни услови за боксерите кои ќе треба да бидат фокусирани само на натпреварот, а се друго да биде наша грижа. И следната година ќе работиме на ова поле и со сигурност ќе има и други позитивни изненадувања. Останува врмето да покаже колку сме сериозни околу ветувањата и реализацијата на истите.

Дали од идната година ќе може да видиме некој наш боксер на Европско првенство?

Единствена надеж за Европско првенство, според мене, е Гоце Јанески кој е член на БК Аперкат од Скопје. Под менторство на тренерите Мирко Ристевски – Мице и Оливер Станков. Но, имајќи го во предвид времето и трудот што го вложува во боксот, Гоце веќе е подготвен за еден таков подвиг. Во националната лига нема достоен противник, а во Регионалната лига, колку што сум информиран, е со најдобар учинок (6-2), едниот е поради повреда на раката, што значи дека на ред е нешто поголемо, а тоа е Европско првенство.

Покрај малиот квантитет на боксери, за поголеми успеси се наметнува потреба и од стручен кадар, но и придружен, како една целина за успех. Што ќе направите во таа насока?

Бројот на боксери кои настапуваат во националната боксерска лига е мал и со сигурност е под очекувањата. Но, имајте во предвид дека пред да започнеме во 2017 година со Лигата, во Македонија немаше бокс цели три години. Тоа значи тригодишна пауза, што, верувајте, дека за секој спортист паузата (после повредата) е нешто најлошо што може да се случи. Радува фактот што со напори на УО при БФМ се стимулираа боксерските клубови повторно да ги отворат вратите и да започнат таму кај што застанаа. Сега треба малку повеќе да се работи на маркетингот за промовирање на боксот, со цел привлекување на други боксери, но во исто време да се работи и на темата, за да се задржат оние натпреварувачи кои веќе се изградени. Пред само 3 месеци одржавме тренинг курс за тренери на кој што беа поканети и присуствуваа сите тренери. Сите се здобија со сертификат за познавање на тренерски способности. Предавач беше селекторот на македонската боксерска репрезентација Петре Чурлиновски. Токму повозрасните кадри ќе треба да го пренесат знаењето на помладите членови од боксерските клубови кои веќе ја завршиле боксерската кариера. За кратко време ќе започнеме со обука на сите тренери од боксерските клубови кои се членови на БФМ  и истата ќе биде спроведена од стручни лица т.е. професори од Факултетот за физчка култура. Преговорите со Факултетот за физичка култура се во тек, единствено што се чека е врменскиот период кога ќе се одржи курсот.

Има ли јасна цел како да се работи со младите боксери кои треба да иднината на македонскиот бокс?

Моментално најважни ни се младите генерации кои допрва треба да станат изградени боксери, а со тоа се мисли на кадетите и пионерите. Сениорите се генерација која за кратко време ќе престане со овој спорт, затоа што само од боксот нема да може финансиски да го издржат животот кој им претстои. И, како што се и очекува, истите ќе треба да се вработат, а со тоа ќе се намали времето кое треба да го посветат на боксот. Од тие причини, во план сме да започнеме со едукативна кампања во основните училишта околу значењето на боксот и придобивките од овој спорт. Лично ме радува што како воведни борби пред секое коло од Првата и Младинската лига настапуваат пионери, што кажува дека имаме заинтересирани дечиња за овој спорт. Но, сепак, бројот на таа возрасна генерација која ги посетува тренинг-салите е далеку од доволен.

 Треба да учествувате во работата на Конгресот на АИБА. Дали Боксерската федреција на Македонија има изградено став кого ќе го подржи за претседател на АИБА? 

Боксерската Федерација на Македонија (БФМ), поточно јас, како претседател, присуствував на годинешното Собрание на Извршниот комитет на АИБА кое се одржа во Албена – Бугарија. На Собранието, од страна на кандидатот за нов претседател Фалкинели, беа презнетирани неправилности во финансиското работење од сегашниот претседател на Ву. По иницијатива на извршниот комитет на АИБА, собранието треба да се одржи на 28 јануари 2018 година во Дубаи. БФМ со сигурност ќе биде дел од тој настан и согласно презентираните финансиски неправилности мојот личен став е дека ќе гласам за новиот кандидат. Сепак, највисоко тело во БФМ е Управниот одбор, кој ќе треба да се произнесе непосредно пред заминувањето за Дубаи.

Ipon.mk/В.Д.

 

 

 

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО