Ѓуро Илиќ: Комисијата едногласно ме промовираше во мајстор 6 дан, убав подарок за 50 години ЏК Пелистер и 45 години тренерска работа

По промоцијата на Ѓуро Илиќ за џудо мајстор 6 дан, во просториите на Будо центарот во Битола одржа прес-конференција за тоа како се одвиваше неговата промоција во Белград, Србија, и се што се случуваше таму.

„На барање на Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ) се одржа мојата промоција за високи појаси – данови во Белград, во организација на Џудо федерацијата на Србија. А, веднаш ќе кажам зошто Србија, бидејќи Џудо сојузот на Србија досега беше надлежен за балканските простори, односно беше акредитиран од Интернационалната џудо федерација, за доделување на високи појаси. Ние во Македонија имавме само до 5 дан, меѓутоа со добивањето на 6 дан, кој е веќе е евидентиран во ИЏФ, сега и како федерација, ќе имаме право да доделуваме појаси до 6 дан, што е голем напредок. Напредокот ќе биде во смисла на подигнување на нивото на џудо техниката, со што ќе имаме постручни тренери“.

За тоа како се одиваше самата промоција додаде:

„На самата промоција имаше околу 40-тина џудо мајстори. Од први до петти дан имаше полагање пред Дан комисија, а додека од 6 до 9 се доделуваат по заслуги, иако се работи со изведување на ката. Лично за мене не беше побарано да изведувам ката, со оглед на тоа што зад мене имам девет книги и исто толку ДВД-а од областа на џудото и самоодбраната, а Дан комисијата едногласно одлучи да не изведувам ката, туку само да бидам промовиран во мајстор 6 дан, како и мајсторите од странство, по еден за 7 и 9 дан“.

Промоцијата на Ѓуро Илиќ ја направи големиот џудо мајстор 9 дан од Србија, Славко Обадов, роден во Нови Сад, кој го прослави овој спорт во 1976 година на олимписко ниво, освојувајќи златен медал во Канада, за кој, вели Илиќ, му претставувало посебна чест.

Титулата 6 дан е шлаг на тортата на прославата на 50 годишнината на Џудо клубот Пелистер, за што Илиќ рече:

„50 години не е мала бројка, а во тие половина век, јас, како Ѓуро Илиќ, сум вклучен како тренер 45 години, а тој јубилеј ќе биде во септември. Овие 50 години како клуб поминавме низ трнлив пат, почнувајќи од обезбедувањето на услови за работа и други проблеми во текот на работењето. Низ клубот продефилирале над 3.500 членови, според нашата евиденција, а сигирно се и повеќе, што не е бројка за занемарување. Ова се е солидна основа да продолжиме со поголем интензитет, бидејќи сега во џудо клубот имаме седум мајстори, а со континуирана работа ќе продолжиме во таа насока, со едуцирани тренери да имаме силни натреварувачи. Самото мое промовирање во нов висок појас ќе биде мотив повеќе да имаме нови мајстори, а јас како престедател на Дан колегиумот – комисијата на џудо федерацијата, ќе се трудам, како и досега, два пати годишно на академски начин да има полагање за напредување во дан појаси, а досега резултатите се повеќе од очекувани, а и така ќе продолжиме.

За идните планови Илиќ вели:

„Продолжуваме со исто темпо и понатаму, а работата нема граници. Ќе кажам мала дигресија, во џудото има една мисла дека се работи од 7 до 77 години, а таа граница од 7 ја поместивме на 4 години, а се надевам дека и горната граница ќе ја поместиме погоре“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО