Френк Ворен верува дека Фјури и Нгану ќе договорат реванш

Френсис Нгану ги воодушеви навивачите на борбата во неговото неодамнешно боксерско деби против шампионот на ВБЦ, Тајсон Фјури.

Поранешниот борец на УФЦ на крајот на октомври на настанот во Саудиска Арабија загуби од Кралот на Ромите со поделена одлука.

Но, без разлика на појасот, Нгану заработи огромни симпатии од фановите ширум светот за својот настап, а посебно ќе се памети моментот во третата рунда кога го испрати Фјури во нокдаун.

По мечот камерунскиот удирач изрази желба за реванш, што ја повтори неколку пати, а со оваа идеја се согласуваат Фјури и неговиот промотер Френк Ворен.

„Не знам дали ќе биде по мечот против Усик, не сакам да гледам толку во иднината. Фјури прво нека се ослободи од Усик, па ќе видиме. Но, сигурно Фјури ќе има реванш против Нгану. Тајсон ми кажа дека сака реванш, а исто така и Френсис. Имавме долг муабет после борбата и тој е добро момче. Има добар тим и сигурен сум дека повторно ќе го договориме мечот“, истакна Френк Ворен и додаде:

„Пред натпреварот против Нгану Фјури немаше ниту едно видео од неговата борба, само неговите ММА натпревари од УФЦ. И на тие снимки можеше да се види дека Нгану е многу тежок борец. Тајсон не го направи тоа што го правеше на изминатите натпревари, не се движеше и не удираше директи, туку само стоеше и разменуваше удари со Френсис.

Промоторот на Фјури се обиде да го објасни и однесувањето на шампионот на ВБЦ на неодамнешната прес-конференција кога најави борба со Александар Усик за обединување на шампионските појаси во тешка категорија. Судирот е закажан за 17 февруари во Ријад.

„Се обидовме да ја организираме нивната борба минатата година, но тимот на Усик се повлече од преговорите. Тајсон беше многу лут, а својата фрустрација ја искажа на прес-конференцијата. Сите знаеме што се случи порано, а Фјури нема никаква врска со тоа. Затоа може да оди исправено и не мора да се срами од ништо“, изјави Френк Ворен и заклучи:

„Фјури верува дека е најдобар. Се грижи за наследството. Сака да биде апсолутен шампион, а во тоа има огромна поддршка од семејството. Верувам дека тоа ќе го потврди на 17 февруари“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON