Еди Херн верува дека Усик може да го победи Фјури: Навистина мислам дека е подобар борец

Славниот промотер Еди Херн верува дека Александар Усик може да му предизвика проблеми на Тајсон Фјури во нивната потенцијална борба за титулата во тешка категорија.

Минатиот викенд на боксерскиот спектакл во Саудиска Арабија, Усик го победи Ентони Џошуа во реваншот и ги одбрани титулите во тешка категорија на ВБА, ИБФ, ИБО и ВБО.

Украинскиот боксер пред три години ги обедини појасите во полутешка категорија, а потоа се пресели во тешка.

Во оваа колекција сè уште му недостасува шампионскиот појас на ВБЦ што моментално го поседува Фјури.

Еди Херн, сопственикот на Мечрум, има голема почит кон способностите и квалитетите на непоразениот Украинец и смета дека Усик, без разлика на разликата во големината, има шанса да го победи Фјури.

„Во тој меч предност би му дал на Александар Усик, навистина мислам дека е подобар борец. И двајцата се многу интелигентни боксери“, изјави Еди Херн и продолжи:

„Не знам колку би била интересна таа борба за гледање, но би била интригантна. Фјури не сака да се бори со Усик, но можеби ќе мора, затоа што се работи за многу пари“.

Тајсон Фјури го победи Дилиен Вајт во април и го задржа ВБЦ појасот, но потоа објави крај на кариерата. Малкумина веруваат во неговата одлука.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО