Еди Херн: Фјури сака 70 отсто од заработката во борбата со Усик

Познатиот боксерски промотер Еди Херн зборува за организирање на борбата меѓу Тајсон Фјури и Александар Усик.

Тие треба да се борат за крунисување на неприкосновениот шампион во тешка категорија. Фјури ја има титулата на ВБЦ во тешка категорија, а Усик ги има појасите на ВБА (Супер), ИБФ, ВБО и ИБО. Во моментов се водат преговори за борбата, но очигледно дека не можат да се договорат за распределбата на парите.

Украинецот сака рамноправно да дели со Фјури, макар и борбата да се одржи во Велика Британија. Фјури, од своја страна, сака да земе 70 отсто од приходите. Херн верува дека овие барања од Фјури може да доведат до откажување на борбата.

„Тајсон Фјури мисли дека треба да добие 70-30 или 60-40 од приходите. Ова може да предизвика откажување на борбата. Не знам што се случува, но знам дека борбата ќе биде на Блискиот Исток за да заработат повеќе пари.

Не верувајте кога ќе слушнете дека борбата ќе се одржи на Вембли. Само чекаме да видиме кој ќе плати повеќе за оваа борба. Фјури ќе гледа на ситуацијата од тоа колку ќе добие.

Или ќе се согласи на еднаква сума со Усик, или ќе бара повеќе, бидејќи е попознат. Главната точка на спојување помеѓу него и Усик е хонорарот за борбата“, рече Херн во интервју за Бокс-сошл.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО