Џозеф Паркер бара реванш меч против Дилиен Вајт

Новозеланѓанецот Џозеф Паркер и Британецот Дилиен Вајт боксираа пред четири години. И двајцата во текот на мечот беа во нокдаун, но успеаја да се вратат, а победникот го решија судиите.

Паркер беше подобар во првите шест рунди, а потоа Вајт ја презеде контролата над борбата и доминираше до крајот.

Судиите едногласно (113-112, 115-110 и 114-111) му ја доделија победата на британскиот боксер.

Паркер оттогаш има шест победи во низа, а во последните два натпревари го победи Дерек Чисора.

Новозеландскиот борец неколку пати бараше реванш против Дилиен, а сега треба да го добие тој меч.

Имено, Паркер најпрвин се договорил со Џо Џојс, а борбата требаше да се случи летово, но мечот беше одложен за септември. Но, Џозеф не сака да чека толку долго, па повторно го повика Вајт.

„Џозеф Паркер тренира и одржува форма, тој е дома со семејството во Нов Зеланд. Неговите планови се уште исти, борба против Џо Џојс, но договор се уште не е потпишан. Натпреварот би можел да се договори за крајот на септември“, изјави менаџерот на Паркер, Дејвид Хигинс и додаде:

„Но, постои друга опција. Имено, Џозеф неодамна ми покажа снимка од борба против Дилиен Вајт. Би се борел со него летово, Паркер уште го бара тој реванш“.

Хигинс верува дека тоа би била квалитетна борба која на двајцата би можела да им донесе добар профит.

„Се договоривме да се обидеме да организираме борба против Дилиен Вајт. Џозеф би го сакал тоа што е можно поскоро, а тоа би било голем ППГ настан. Нивниот меч беше вистинска војна во рингот. Но сега се зависи од Вајт. Ако сака меч, со задоволство ќе се согласиме“, подвлече Дејвид Хигинс.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО